Има поврзаност помеѓу наследените гени од неандерталците и болестите на современиот човек – вклучувајќи ја депресијата, проблемите со имунолошкиот систем и кожните болести, тврдат научниците во публикацијата во списанието Science.
Фактот дека современите Европејци и Азијци имаат наследено помеѓу 1 и 4% ДНК од неандерталците е познат уште од 2010 година. Сепак, дури сега научниците успеваат да најдат поврзаност помеѓу гените на неандерталците со историјата на болести на модерниот човек.
Антрополозите идентификувале 135.000 „неандерталски“ мононуклеотидни морфизми (SNP) и истражувале на кои здравствени проблеми би можеле да влијаат, кај 28.000 испитаници.
Некои од поврзаностите – како влијанието на неандерталската ДНК врз кератиноцитите, веќе беа предмет на научни дискусии. Но и тука не недостасуваат изненадувања. На пример, некои делови од ДНК-та сериозно го зголемуваат ризикот од никотинска зависност. Откриени се и SNP кои влијаат на ризикот од депресија – во некои примери ризикот е зголемен, а во други се намалува.
Многу неандерталски SNP се поврзани и со психичките и невролошките заболувања. „Мозокот е софистицирано дизајниран орган и имплементирањето на гени од суштество од друг вид може да има негативни последици”, истакнува авторката на студијата – Корин Симонти.
Генерално, модерните луѓе поседуваат фрагменти од неандерталското ДНК, кои некогаш биле доминантни и имале улога да им помогнат на древните луѓе да се прилагодат на Евроазија и нејзината клима, флора и фауна. Во современиот свет пак, многу од особините „кодирани“ во тоа ДНК, станаа опасни за здравјето. Еден од примерите е генетската варијација која го забрзува згрутчувањето на крвта. Претходно тоа им помагало на луѓето – раните заздравуваат побрзо, а организмот се брани од опасни микроби. Сега, пак, хиперкоагулацијата го зголемува ризикот од мозочни удари, белодробна емболија и компликации при бременоста.