Дедо Стојан цел живот избегнува да јаде процесирано, но и секакво друго месо. Смета дека токму тоа е причината што ќе доживее наскоро да полни 103 години.
Нема чепнато кобасица, сланина, шунка или хамбургер, освен еднаш, кога јадел скара на кило и му било „пре-пре-превкусно“. Сеќавајќи се на тој настан, дедо Стојан признава дека како што поминува времето, сé повеќе му се јавува чувство на каење.
„Сега сум стар повеќе од еден век, делумно затоа што имав екстремна самоконтрола кога се работеше за мојата природна желба за месо. Многу пати бев во искушение“. Еднаш дури и купил хамбургер од 7ца и тргнал да гризне, „лигавејќи се како куче“, како што раскажува, ама во последен момент се воздржал.
„Само еднаш, за атер на внукот, кога частеше дека земал партиска книшка, пробав скара. Изедов 15 ќебапи! После лежев и ждригав со часови, ама беше преубаво“, раскажува дедо Стојан со виновна насмевка, која за кратко преминува во носталгичен поглед.
„Сега сум стар, и искрено, срање е… Ама не можам допрва да јадам месо, немам заби“.
Кога би можел да му се појави на младиот Стојан во сон, вели дека би го советувал да јаде хамбургери и скара, и тоа преправајќи го гласот како да е дух, за да му остави поголем впечаток.