Во Индијана, САД, постои гратче што секоја година добива по околу 20.000 писма за Дедо Мраз. Којзнае, можеби има врска со тоа што гратчето се вика Santa Claus.
Во Santa Claus има група волонтери, кои се нарекуваат „џуџиња“, која секоја година одговара на секое писмо што ќе пристигне од било кој крај на светот. Некои писма се адресирани баш до нив, од луѓе што знаат за гратчето. Ама некои се адресирани и едноставно „До Дедо Мраз“. Вака или така, неуморните „џуџиња“ – околу 300 на број, секоја нова година секојдневно пишуваат одговори, некогаш и по 2.000 писма дневно.
„Извонредно е чувството да ги усреќуваш децата“, вели 86-годишната Пет Кох, главна на „џуџињата“. Одговара на писма до Дедо Мраз од својата 11-та година.
„Седиме овде, се смееме и плачеме“, раскажува таа. „Ни стигнуваат писма во кои родители на деца пишуваат: ‘Научивме да користиме нокшир’, или ‘Престанавме да цицаме палец’… па се надеваме дека Дедо Мраз ќе нé посети’. Некои деца ни пишуваат и многу тажни писма: ‘Живеам со баба, ама сакам да живеам со тато’“, раскажува Кох.
Писма им стигнуваат и од постари луѓе кои за новогодишните празници се чувствуваат осамени. Стигнуваат од Јапонија, Кина, Малезија. Сите овие писма „џуџињата“ ги читаат и одговараат.
Можеби ситуацијата би била сосема поинаква ако гратчево го задржеше своето старо име – Санта Фе. Кога во 1850-тите жителите побарале сопствена пошта, настанал проблем. Во Индијана веќе постоел град Санта Фе, па државата не дозволила да има два идентични поштенски називи.
Сакале или не, Санта Фе морал да го промени името. По куп јавни дискусии и понекоја кавга, одлучено е гратчето да се вика Santa Claus. Од следните години почнале да пристигнуваат писма до Дедо Мраз, а од 1914 година почнала и праксата на испраќање одговори.
Во почетокот имало малку писма, па пишувањето повратни писма не било некаков голем проблем. Но, со тек на времето биле потребни сé повеќе и повеќе волонтери. Денес во гратчето Дедо Мраз тоа е сериозна професија.
Кох ја основала непрофитната „Џуџињата на Дедо Мраз во 1976 година“. Организацијата собира донации, и со тие пари ги покрива трошоците за испраќање на писмата, затоа што Кох смета дека никој друг не би требало да плати за писмо што ќе го добие од Дедо Мраз.
Секој одговор е пишуван рачно, и специјално за конкретниот примател, било да е возрасен или дете. Волонтерите некогаш патуваат и со часови за да дојдат на „работното место“, а некогаш работат и до доцна во ноќта.
На крајот, сепак, се чини дека вреди. „Повремено мајките ќе ни опишат како лицата на нивните деца се озариле од насмевка кога добиле одговор од Дедо Мраз. Тоа е нашата најголема награда“, вели Кох.