Децата на руските шпиони слетаа во Москва: Не знаеле дека се Руси, Путин ги пречекал на шпански

На брачната двојка Дулчев им се судеше во Словенија, каде што се претставиле како Аргентинци, јавува Ројтерс

Двете деца на рускиот шпионски пар Артем и Ана Дулчев, кои беа разменети со Западот, не знаеле дека се Руси додека не се качиле во авионот што слета во Москва, соопшти денеска Кремљ.

Рускиот претседател Владимир Путин ги пречека ослободените агенти Дулчев и нивните деца на московскиот аеродром Внуково на 1 август 2024 година, Фото: EPA-EFE/KIRILL ZYKOV/SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT EPA-EFE/KIRILL ZYKOV/SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

„Тие не знаеја дека се Руси и дека имаат некаква врска со нашата земја“,

изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој изјавил дека децата не го знаат рускиот јазик и дека претседателот на Русија, Владимир Путин, ги пречекал на шпански.

На брачната двојка Дулчев им се судеше во Словенија, каде што се претставиле како Аргентинци, јавува Ројтерс.

„Децата ги прашаа своите родители кој е човекот што ги поздрави. Тие не знаеја кој е Путин. Така функционираат илегалците. Толку се жртвуваат“,

рече Песков.

Тој потврди дека убиецот Вадим Красиков, кој беше ослободен од германски затвор, е припадник на специјалната единица на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

На Красиков му се судеше во Германија за убиство на поранешен чеченски екстремист во Берлин во 2019 година.

Во четвртокот Путин го пречека Красиков со прегратка на аеродромот во Москва.

Песков изјави дека размената на затвореници била организирана од ФСБ и Централната разузнавачка агенција на САД.

„Одлуката на Путин да ги пречека разменетите затвореници на аеродромската писта е почит кон луѓето кои ѝ служат на татковината и успеаја, благодарение на напорите на многу луѓе, да се вратат во својата татковина“,

рече Песков.

Размената опфати 24 лица, од кои 16 затвореници префрлени од Русија на Запад и осуммина во спротивна насока.

- Реклама -