Дебата во Велика Британија откако премиерот остранил слика од Маргарет Тачер од работната соба

„Би го толерирал можеби Тјери Анри на ѕидот, но ништо повеќе од тоа“, изјави за Би-Би-Си британскиот премиер Кир Стармер, дообјаснувајќи дека нема проблем со поранешната премиерка, туку со портрети на луѓе кои „зјапаат“ во него

Британската општа но и политичка јавност деновиве е поларизирана по едно навидум банално прашање. Новиот премиер на земјата, лабуристот Кир Стармер, одлучил да го отстрани портретот на поранешната конзервативна премиерка, Маргарет Тачер од неговата работа во премиерската резиденција и воедно канцеларија на „Даунинг Стрит“ 10.

„Спорниот“ портрет на Маргарет Тачер при неговата изработка во 2009 година

Опозицијата, но голем дел од јавноста не го одобруваат чекорот поради речиси легендарниот статус кој го има сега веќе покојната Маргарет Тачер, но и на целиот настан се гледа како на политички мотивиран чин. Во интервју за Би-Би-Си емитувано денеска, премиерот мораше да се објасни – не го тргнал портретот на Тачер бидејќи има резерви кон неа како личност, туку затоа што не можел да поднесе портрети кои го „зјапаат“.

Кир Стармер, фото: EPA-EFE/NEIL HALL/POOL / POOL

„Овде воопшто не станува збор за Маргарет Тачер. Не сакам слики и фотографии од луѓе кои зјапаат врз мене. Го открив тоа додека бев адвокат. Имав секакви слики од судии. Не ми се допаѓа тоа. Сакам пејсажи. Ова е моја работна соба, мое приватно место каде што работам и не сакам слика од никого. Како правник, луѓето се обидуваа да ме убедат дека ми се потребни слики од судии кои зјапаат во мене цело време. Но, не ми се допадна. Не ми се допаѓа ништо повеќе кога ме зјапаат и политичари“

Единствените слики кои ги толерира, вели британскиот премиер, е од неговите деца и домашни миленичиња – мачки. Стармер, кој е навивач на лондонскиот фудбалски клуб Арсенал, во интервјуто за Би-Би-Си додава:

„Би го толерирал можеби Тјери Анри на ѕидот, но ништо повеќе од тоа“.

- Реклама -