Дебата во Гостивар за младината и иселувањето – Полог губи 50% од младите, по средно бегаат во странство!

Неможноста за наоѓање добра работа, политичкото влијание при вработување, недовербата во правниот систем, пристапот до стипендии и образованието, корупцијата…Истражување спроведено меѓу млади лица, покажало дека ова се главните причини поради кои младите од полошкиот регион се иселуваат од родниот крај. Резултатите од истражувањето беа презентирани денес во Гостивар на јавна дебата.

Половина од младите веднаш по завршување на средното училиште решаваат да заминат во странство, не се доволно информирани што таму ги чека и често прифаќаат било каква работа.
„Дури 50% од младите заминуваат во странство по завршување на средно училиште. Фактички, тука е моментот на кој треба да се делува. Тие заминуваат во потрага по подобар живот и подобро вработување. Интересно е што само околу 35% знаат каде одат и што ги очекува, остатокот не се баш сигурни каде и зошто одат. Тоа ги става младите на мета на искористувања, а честопати се приморани да прифаќаат работни места кои тука не би ги прифатиле, само за во иднина да обезбедат некаков животен стандард. Треба да се нагласи дека 88% од тие што заминуваат тоа го прават затоа што не сакаат да бидат членови на политички партии. Партиите не смеат да бидат место за вработување на младите!. Младите сакаат економија, подобар стандард, да живеат во нормални услови.“, рече Гордана Несторовска, истражувач во проектот.

Истражувањето покажало дека младите очекуваат државата да преземе мерки за ублажување на загрижувачките трендови на миграција
„Крајно време е општините и државата да ги прашаат младите што е тоа што треба да го направат за да можат да ги задржат. Современите млади ги знаат тековите  и трендовите во цел свет, треба да ги прашаме во каква држава сакаат да живеат. Треба да се вложува повеќе во образованието, да биде скроено по мерка на современите економски текови, да биде поврзано со економијата, да се намалат партиските притисоци врз младите и да се има механизми тие повеќе да учествуваат во креирање на политиките.“, наведе Несторовска.
Во анализата стои дека последиците од заминувањето на младите се длабоки и долгорочни: губење на човечки капитал, затворање на училишта, недостаток на работна сила, иноватори и претприемачи, како и социо-психолошки ефекти врз родителите. Се нагласува дека е потребен мулти-секторски координиран пристап со цел да се овозможат подобри можности и иднина која ветува.

Дебатата се организираше во рамки на проектот ,,Зајакнување на младите: поттикнување на граѓанскиот ангажман и претприемништвото во Полошкиот Регион“, кој е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Проектот го спроведуваат Асоцијација за демократска иницијатива Гостивар, Центарот за едукација и развој (ЦЕД), Теарце, Асоцијација Институт за лидерство и јавна политика и Асоцијација Институт за социјална промена ИнСоК – Тетово.

Извор