Дански архитекти дизајнираа „Zootopia“ – зоолошка без кафези

Самиот концепт на зоолошка во основа секогаш ќе биде неправеден кон животните. Лошо дизајнираните зоолошки само го потенцираат аспектот на кафезот, па со тоа дури и ја нагрдуваат глетката за човекот кој набљудува.

Данската архитектонска фирма BIG, меѓутоа, гледа тоа да го сведе на минимум. Смислија иновативен концепт наречен Zootopia – зоолошка утопија без кафези, кој ќе ја унапреди зоолошката Givskud Zoo во Данска изградена во 1960-тите.

Целата поента е набљудувачите, т.е. гостите, како и сите придружни објекти (билетара, продавници, ресторани и слично), да бидат скриени од очите на животните, а нив да им се дозволи слободно движење во отворен простор што ќе биде максимално сличен на нивната природна животна средина. Тоа значи савани, реки и шуми…

Гостите ќе набљудуваат од специјални платформи и зад скриени зад специјални стакла, кои со огледално рефлектирање ќе ги кријат луѓето од видното поле на животните.

Зоолошката ќе се простира на територија од 300 акри (над 120 хектари) и ќе биде комплетирана во 2019-та. Гостите ќе можат да ги набљудуваат животните и на тури со точак, бродчиња или од птичја перспектива.

„Кафезите“ на животните ќе бидат уредени да ја копираат природната средина до најситен можен детал; за пандите ќе има колиби од бамбус, за слоновите ќе има рид со оризови полиња, дрвени засолништа за мечките, камени структури за пингвините, савана за зебрите и жирафите итн.

Идејата е јасна – отворена зоолошка во која единствените рестрикции ќе постојат за гостите.

 

- Реклама -