Даноци за компаниите чии директори заработуваат сто пати повеќе од работниците

Stampa

Портланд, Орегон, ќе воведува екстра даноци на компаниите чии извршни директори заработуваат сто пати повеќе од просечниот работник во таа компанија.

Градскиот совет на Портланд го донесе законот на 7-ми декември, заклучувајќи дека сите компании кои одговараат на наведениот услов, ќе мораат да плаќаат дополнителни 10% во даноци. Од друга страна, компаниите чии извршни директори (CEO-а) земаат плата што е за 250% поголема од таа на просечните работници, ќе плаќаат дополнителни 25% во даноци.

Парите од овие нови даноци ќе одат во фундот на градот, од кој ќе се користат за основните јавни сервиси, како здомување на бездомниците, опремување на полицијата, и плати за пожарникарите.

„Уште кога прв пат прочитав за идејата за висок данок за компаниите со екстремни размери на платата на директорите во однос на платата на типичниот работник, помислив дека е фасцинантна идеја“, вели комисионерот на Портланд – Стив Новик, човекот најзаслужен за воведувањето на новиот данок. „Тоа е најблиското нешто што сум го видел, а да не е данок на самата нееднаквост“.

Моментално во Портланд работат околу 55 јавни компании. Лани вкупно (сите заедно) платиле 17.9 милиони долари во даноци, но со новиот данок, ќе треба да плаќаат 3.5 милиони долари повеќе годишно.

„Нееднаквоста во платите е реална, тоа е национален проблем и федералната влада не прави ништо околу тоа“, вели градоначалникот на Портланд – Чарли Хејлс.

Портланд, и не само Портланд, има добри причини за воведување на ваков данок. Според Economic Policy Institute, платите на директорите во споредба со тие на работниците, во САД во 2013-та се зголемиле до толку што стигнуваат и до 300 пати повеќе. Во 1965 година, за споредба, платите на директорите биле „само“ 20-кратно поголеми.

Паралелно, во 2010-та година, просечната компензација на јавните компании за 200-те најплатени директори изнесувала 9.6 милиони долари. Пет години подоцна, во 2015-та, таа сума е дуплирана на 19.3 милиони долари.

Очекувано, некои финансиски експерти се побунија дека данокот е престрог, и дека стапката од „100 пати“ треба да биде намалена (во смисла да не важи данокот за така „мала“ разлика). Но Портланд секогаш ќе ја има можноста да го модифицира планот, во зависност од тоа како ќе се покаже новиот данок.

„Имаме навика на испробување разни нешта во Портланд; можеби не се перфектни при првото воведување, но локалното делување кое би се реплицирало ширум земјата дефинитивно може да направи промена“, истакнува Хејлс за The New York Times.

- Реклама -