Даниловски: Релаксацијата на мерките не требаше да важи за цела држава

„Релаксацијата на мерките не е практична и не требаше да биде подеднаква за цела држава. Имено, во тие региони каде што имаше и каде има најмногу заразени, таму мерките требаше да останат уште некое време“, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во разговор со „Алфа“, откако деновиве во земјава се регистрираат сѐ повеќе случаи на Ковид-19, за денеска бројот на новодијагностицирани да достигне 52.

Даниловски посочува дека државата мора, како никогаш досега и што е можно повеќе, да врши тестирања со цел да се максимизираат шансите за идентификување и лоцирање на заразените, но и на оние „невидливите“ асимптоматски носители на вирусот, но апелира и дека државата мора сериозно да ги казнува оние што не ги почитуваат мерките:

„Државата не може да остане само на апели за придржување кон личните мерки на заштита, туку мора да врши постојан, активен надзор и контрола и најстрого да казнува непридржување до мерките – носење маски во затворен простор, пред сѐ држење дистанца и така натаму“.

Без сето ова, категоричен е Даниловски, во вода ќе падне сето постигнато досега во борбата против коронавирусот:

„Без тоа, верувајте, во ветар ќе отиде, морам вака да речам, сиот труд досега и сите жртви што досега се дадени – ќе бидат залудни“, уверува тој.

 

- Реклама -