Даниловски: Коронавирусот сепак се пренесува и преку воздух. Еве што да правите

„Коронавирусот сепак се пренесува (и) преку воздухот. Што да правите сега? Како да се заштитите од вирус што можеби лебди во затворен простор? За почеток, со подобра вентилација. И продолжете да ги носите маските“, пишува на Фејсбук епидемиологот д-р Драган Даниловски, цитирајќи всушност текст на New York Times, објавен откако вчера СЗО потврди дека не треба да се отфрли можноста дека коронавирусот се пренесува и преку аеросоли (капки, но со микронска големина), а што е резултат н отвореното писмо од 239 научници кои изнесуваат, како што тврдат, докази и за ваквото ширење на вирусот.

„Коронавирусот може да остане со часови во ситни капки во застојан воздух, инфицирајќи ги луѓето додека вдишуваат, укажуваат сè поголем број научни докази.

Овој ризик е најголем во преполни затворени простории со слаба вентилација и тоа може да помогне во објаснувањето на настани на супер-пренесување, пријавени во кланици, цркви и ресторани.

Не е јасно колку често се шири вирусот преку овие ситни капки или аеросоли, во споредба со ширењето преку поголемите капки, кои се исфрлаат кога некое болно лице кашла или кива или кога се пренесува преку контакт со загадени површини, рече Linsey Marr, експерт за аеросоли во Virginia Tech.

Аеросолите се ослободуваат дури и кога едно лице без симптоми издишува, разговара или пее, според д-р Мар и повеќе од 200 други експерти, кои ги наведоа доказите во отворено писмо до Светската здравствена организација“, пренесува Даниловски.

Она што е јасно, пишува NYT понатаму во текстот, е дека луѓето треба да внимаваат да поминуваат што помалку време во затворен простор со луѓе кои не се дел од нивните потесни семејства или лица со кои го делат домот. Установите како школите и старски домови, и економските оператори, треба да размислат за употреба на нови филтри за воздух и ултравиолетови лампи кои ги убиваат вирусните честици во воздухот.

ШТО ЗНАЧИ АКО ВИРУСОТ СЕ ПРЕНЕСУВА ПРЕКУ ВОЗДУХ (AIRBORNE)?

Значи дека вирусот може да биде пренесуван преку воздухот во активна форма. Кај повеќето патогени, сосема е јасно дали можат или не можат да ја шират заразата преку воздух. Вирусот ХИВ, на пример, е премногу деликатен за да опстане надвор од телото и не може да се пренесува преку воздух. Морбилите, од друга страна, можат и те како – во воздухот опстануваат и до два часа.

Кај коронавирусот сѐ уште не е најјасно. Експертите се согласни дека не може да патува далеку и долго да остане активен надвор. Но, постојат одредени аргументи дека може да патува преку должината на една соба, а во воздух да опстане и до 3 часа (во лабораториски услови, додуша, кои се различни од реалните).

ШТО Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ АЕРОСОЛИ И КАПКИ?

По дефиниција ништо – и аеросолите се капки, и капките се аеросоли. Единствената разлика е во големината. Според научниците, аеросоли се нарекуваат капките со дијаметар помал од 5 микрони (колку црвена крвна клетка, односно еритроцит; за споредба, човечко влакно е дебело околу 50 микрони).

Можното пренесување на коронавирусот преку воздух не е ништо ново и за таквиот метод се зборуваше уште од самиот почеток (затоа и сретнувавте толку статии за тоа дали обични маски штитат од Ковид-19, или мора да се користат исклучиво N95 маски, кои блокираат 95% од честиците). Она што научниците побараа во писмото до СЗО е всушност организацијата да прифати дека ваквиот начин на пренесување има поголем удел во ширење на заразата отколку што сугерираше СЗО досега, и истото да се рефлектира во нивните препораки.

Досега, од почетокот на пандемијата, СЗО и другите здравствени организации се фокусираа на капличното ширење на вирусот (преку „големи“ капки кои лице со симптоми ги исфрла кога кашла, кива или зборува) како примарен метод на трансмисија. Овие капки се тешки, релативно речено, и брзо паѓаат на подот или на површина која другите можат да ја допрат. Затоа препораките се да се одржува дистанца од најмалку 1.5 до 2 метри еден од друг и редовно миење на рацете.

Сепак, дел од експертите, меѓу кои и авторите на писмото до СЗО, сметаат дека токму аеросолите – кои се исфрлаат кога лицето издишува, зборува или пее – можат да го објаснат феноменот околу тоа како се пренесува вирусот од асимптоматските носители на здрави лица, без кашлање или кивање.

Бидејќи аеросолите се помали, тие содржат многу помала количина на вирус отколку капките. Но, бидејќи се полесни, можат да останат подолго во воздухот, со часови, особено во недостаток на свеж воздух. Во преполн затворен простор, едно заразено лице со тек на време може да ослободи доволно аеросоли со вирус за да зарази многу лица, и со тоа да предизвика тн. суперпренесување.

Од друга страна, за повеќе лица да бидат заразени преку „крупните“ капки (каплично), заразениот би морал да е во близина на сите тие луѓе, или да зарази предмет кој сите тие го допреле (и потоа со контаминирани раце да допрат храна или да се допрат по око, уста, во нос). Затоа таквиот пренос преку површини, особено ако често ги миете/дезинфицирате рацете, се смета само за теоретска можност и минимално ризичен, и затоа многу од научниците велат дека баш и не морате френетично да ги дезинфицирате продуктите од маркет (за што впрочем и пишувавме, уште во април).

Д-р Мар, ова го објаснува многу посликовито: „Морам да правам премногу ментални гимнастики за да ги објаснам оние други патишта на пренесување. За споредба, аеросолното пренесување е многу поедноставно“.

СЗО вчера, иако „призна“ дека ваквиот начин на пренесување не треба да се отфрли, сепак заклучи дека доказите сѐ уште не се дефинитивни и дека ќе продолжи да ги следи и интерпретира.

- Реклама -