Еднаш еден човек со просечна висина рекол: „Би дал сé само да можев да бидам барем малку повисок“.
Уште не завршил со реченицата, кога пред него се појавила волшебничка.
„Што сакаш?“, го прашала волшебничката.
Но човекот со просечна висина само стоел како закован и толку преплашен што дури не можел ни да зборува.
„И?“, прашала волшебничката.
Човекот со просечна висина само стоел и не кажал ништо. Волшебничката исчезнала.
А човекот со просечна висина почнал да плаче и да си ги гризе ноктите. Прво си ги изгризал ноктите на рацете, па потоа и на нозете…
„Бајка“ – кратка приказна од Данил Хармс (Daniil Kharms)
* * *
Данил Хармс (1905-1942) главно заработувал за леб пишувајќи книги за деца во Ленинград. Исто така пишувал поеми и апсурдни кратки приказни, често објавувани во андерграунд списанија, зашто авангардните литературни друштва со кои Хармс беше поврзан беа забранети од режимот на Сталин.
Во 1931 Хармс е осуден за анти-советска дејност и пратен во затвор и егзил во Курск. Во 1937 неговите книги за деца се конфискувани од властите, и така оставен без главниот извор на пари, во следните години Хармс често ќе се наоѓа на работ на гладување. Продолжил да пишува кратки гротескни приказни, кои никогаш не биле објавени, туку едноставно седеле во фиоката на неговото биро.
Во август 1941, кратко по опсадата на Ленинград, Хармс е уапсен по втор пат, обвинет за „ширење на дефетистичка пропаганда“. Во судењето, Хармс е прогласен за non compos mentis (нездрав, не е при здрав ум) и затворен во воен затвор. Во февруари 1942, додека во Ленинград владее општ глад, Хармс умира во затворот од изгладнетост.