Даниел Кајмакоски по победата во Х фактор истакна во интервју за српски Телефраф дека во иднина ќе продолжи да се занимава со музика и посакува да направи светска кариера и да проба да отиде на Избор за песна на Евровизија.
Ви пренесуваме што изјави победникот на шоуто.
На почетокот на разговорот Даниел ги изнесе своите импресии по повод освојувањето на овој престижен музички натпревар.
Се чувствувам фантастично и среќен сум. Верував дека можам да победам, иако конкуренцијата беше јака. Секој од супер финалистите имаше подеднаква шанса за победа. Цел живот го чекав овој миг и сметам дека ова е само вовед во нешто убаво. Моите родители се многу горди на мене и драго ми е што тие се среќни – рече задоволно Кајмакоски.
Даниел смета дека клучот на неговиот успех во освојувањето на Х Фактор лежи во тоа што веруваше во самиот себеси и во успехот!
Најмногу го слушав своето срце и пропуштив да се случат некои работи. Се трудев моето пеење да биде што подобро и подобро. Одев на се или ништо. Се чувствував феноменално, отпуштено и без трема. Додека бевме во Шимановци немав навивачи да ме подржат. Лајв емисијата се одржуваше во вторник, моите пријатели тогаш мораат да работат, а патот од Виена до Белград е долг. Никогаш немав публика во салата, а денес за прв пат ми се чини дека целата публика ме поддржува. Тоа ме отпушти многу и знаев дека имам голема поддршка – истакна момчето од Струга.
Кајмакоски му оддаде признание на својот ментор Жељко Јоксимовиќ.
Отсекогаш сакав да соработувам со еден таков музичар како што е Жељко. Мојата победа на х фактор е и негова заслуга. Тој беше извонреден ментор и ќе бидам пресреќен и во иднина да работам со него – рече Даниел, кој додаде дека би сакал да соработува и со останатите членови на жирито Емина Јаховиќ, Кики Лесендриќ и Кристина Ковач.
Кајмакоски го очекува снимање албум, а тој наведе дека би сакал да сними дует и со Тамара Милановиќ, Илма Карахмет, Алекса Перовиќ и Маид Хеќимовиќ. Освен музичката соработка тој истакна дека би сакал и да понатака да се дружи со финалистите на Х фактор.
Една од желбите на Даниел Кајмакоски е и песната на Евровизија бидејќи настапот на таа сцена за него би претставувал голема чест.
Тоа го сакав од мал, од кога почнав да ја гледам Евровизија, сакав да бидам дел од неа, да ја претставувам својата земја. Со текот на времето таа желба се загуби, затоа што повеќе немав исто мислење за Евросонг како порано. Но тоа е голема манифестација и јас би бил горд да ја претставувам Македонија. Јас би бил среќен и би дал се од себе на тој натпревар да се претставам себеси и мојата земја – искрен е првиот победник на регионалниот Х Фактор.
Освен Евровизија, Даниел мечтае и за потенцијална светска кариера.
Кој не би го сакал тоа? отсекогаш мечтаев за тоа. Сам себеси не си поставувам граница дека тоа не може. Секогаш мораш да веруваш дека тоа е остварливо. Кога би ми се случило, не би се плашел, ниту би ми било страв да се обидам. Тоа е голема работа и потребно е да те приметат и други луѓе – рече младиот Македонец.
Даниел е свесен дека поедини победници на музички шоу програми не поминуваат баш најдобро, но наведе дека е подготвен да се бори да ја зачува популарноста и да продолжи да го презентира талентот.
Мислам дека некои работи може да се сменат. Не мораат да останат какви се. Тоа само Господ го знае. Едно знам, а тоа е дека ќе дадам се од себе, дека ќе изберам добар тим за да ја продолжам приказната. Решив да се борам до крај, бидејќи музиката е тоа што го сакам најмногу на свет. Нема да дозволам победниците на музичките шоу програми да останат неуспешни – верува победникот на Х Фактор.
Кајмакоски, кого и ден денес го нарекуваат наследникот на Тоше Проески уште еднаш нагласи дека никој не може да се спореди со починатиот легендарен пејач.
Мислам дека темата се провлекува низ целиот натпревар. Споредбите не ми пречат, бидејќи го обожавам Тоше. Но Проески не може никој да го замени. Посакувам во иднина да се потрудам и да дадам се од себе да бидам Даниел, а не Тоше – рече Даниел.
Инаку Даниел потврди и една интересна информација од својот живот, а тоа е дека своевремено морал да го напушти музичкото училиште затоа што наводно не бил талентиран за тој вид уметност.
Тоа е точно. Се запишав во музичката гимназија во Виена, која морав да ја напуштам по пола година бидејќи еден професор тогаш сметал дека не е доволно талентиран за музика – истакна Даниел, кој откри дека тој истиот професор потоа му се извинил.
Кајмакоски рече дека не се откажува од идејата да отвори музичко училиште за млади таленти, оти смета дека на Балканот има многу талентирани луѓе.
Даниел наскоро ќе се пресели во Белград, а со останатите финалисти ќе тргне на турнеја по регионот. Исто така ќе биде гостин на концертите на Кики Лесендриќ во САД и Канада.
Превземено од Телеграф.рс