Тешки биле тие моменти, но освен консултации со своето семејство, пратеничката Емилија Александрова, сега дел од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, одлуката да ги поддржи уставните измени ја донела самостојно, без никакви yцени и притисоци, како што обвинуваше (и сѐ уште обвинува) опозицијата, изјави таа во гостувањето во „10 минути“ на „ТВ21“.
„Единствен интерес ми беше интересот на државата, затоа што сметав дека досега Македонија изгуби премногу драгоцено време кон патот на европската интеграција и НАТО и сметав дека овој момент не треба да биде испуштен. Затоа јас, барем за себе можам да кажам, но верувам дека и моите колеги се на истото мислење, допринесовме со својот глас да ѝ дадеме иднина на нашата држава во рамките на Европската унија и НАТО“, рече Александрова.
Прашана дали „повторно“ би гласала за Преспанскиот договор (кога би можело да се врати времето) сега кога земјава не доби датум за преговори, пратеничката одговори дека останува на ставот, затоа што смета дека европската перспектива на нашата држава е извесна и дека е прашање на време кога ќе бидеме дел од европското семејство.
„Цврсто и гордо стојам на мојата одлука“, рече Александрова.