Дали Facebook го одживеа своето?

Facebook Веќе немате кого да додадете како пријател? И онака имате премногу
„пријатели“? Зошто да киснеме на Facebook, кога тука е Twitter? Ваквки
и слични прашања можеби се нештото што ќе го означат крајот на
популарноста на овој сајт…


Веќе немате кого да додадете како пријател? И онака имате премногу
„пријатели“? Зошто да киснеме на Facebook, кога тука е Twitter? Ваквки
и слични прашања можеби се нештото што ќе го означат крајот на
популарноста на овој сајт…

FacebookДали Facebook ќе ја повтори приказната на MySpace – да биде најважниот сајт на светот еден ден, сосема заборавен следниот? Иако многумина се надеваат дека нема да е така, бројните иритации кои произлегуваат од бројните опции на Facebook придонесуваат кон сè поизвесниот крај. Еве неколку причини зошто исчезнува интересот за него:

1. Ветераните од Facebook пребегуваат на Twitter

Движечката сила на Facebook се луѓето што забавата ја наоѓаат во промена на статусите. Но, токму тие, сè повеќе се селат на Twitter, зашто таму, тривијалностите се предност, додека на Facebook, повеќе од 2-3 промени на статусот во денот и веќе изгледате очајно. Дополнително, иако можете тие статуси да ги менувате и преку мобилен, Twitter е на некој начин „помобилен“. Кога твитирате преку мобилен, оддавате впечаток дека правите нешто важно во светот и сте искористиле некоја куса пауза за да им го пренесете веста на сите, додека апдејт на статусот на Facebook кажува дека седите крај компјутер, немајќи попаметна работа.

2. Луѓето што имаат животи, не користат Facebook

Ако се подготвувате за маратон, преговарате за визна либерализација, водите успешен бизнис и сл., голема е веројатноста дека немате време за Facebook. Дури и да имате страница, веројатно не ја водите добро. Изгледа тажно, но по сè изгледа времето минато на сајтот е обратнопропорционално со нештата што се случуваат во оф-лајн животот на корисникот.

3. Во реалниот свет, луѓето најчесто имаат добра причина зошто престанале да контактираат со некои пријатели

На почетокот, возбудата околу Facebook лежеше во повторното стапување во контакт со луѓе кои сте мислеле дека никогаш нема да ги видите повторно. Сакавте да видите дали најубавата девојка од класот сега е дебела или оној што сте го загледувале е женет итн. Но, откако ги пронајдовте сите „загубени“ пријатели, се прашувате кого да го поканите следно. Ако ѝ испратите барање за пријателство на чистачката од вашето основно училиште, треба да знаете дека имате проблем!

А, кога повратените пријатели ќе започнат да ви испраќаат подароци, да ги споделуваат со вас статусите и сл., ќе се потсетите точно зошто сте се тргнале од нив. Ќе ја најдете онаа девојка што постојано е на работ на самоубиство зашто никој не ја сака, но ќе доживее 120 години, променувајќи најмалку 4 сопрузи; неписмениот тип од факултет кој дипломирал само затоа што тетка му е професорка, а во пишувањето ги промашува и наједноставните зборови (ако пак се обидете да најдете смисла во конструкциите на речениците ќе ве заболи глаав!) итн. Од неодамна Facebook ја понуди опција да ги сокриете нештата што не ви се допаѓаат. Верувајте, со време, ќе ги сокриете сите оние што бевте пресреќни одново да ги пронајдете.

4. Имањето премногу пријатели ја одзема забавата од постирањето

Порано можевте да кажете – си ја мразам работата; или пак – шефот ми е кретен! – Но, веќе не можете, зашто шефот и сите колеги ви се пријатели. Ако некогаш пишувавте – вчера се начукав и не знам кај ми е главата – сега се воздржувате зашто меѓу пријателите ви се наоѓаат внуците, помладите братучеди, луѓе што се угледуваат на вас, па затоа, наместо искреноста, кај вас започнува да преовладува интернет лицемерноста.

5. Квизовите се показател за здодевноста на Facebook

Кога го направивте профилот, поплнивте полиња кои ќе ја опишат вашата личност (интереси, хобија, залагања итн.). Потоа ги закачивте најдобрите ваши фотографии. На крајот, дојде врвот на себезаљубеноста што можеше Facebook да ја понуди – 25 нешта за себе. Таму, кажавте сè што можевте и оттаму нема каде освен удолу. Показател за здодевноста на Facebook, како и за падот на креативноста кај луѓето е фактот што се користат резултати од бесмислените квизови како апдејти на статусот („Која патика си, лева или десна?“, „Колку деца ќе ти се родат во 2014 година?“ итн.)

Опстанокот на Facebook зависи од луѓето што го користат. Затоа, ако овој сајт навистина ви е мил, прво престанете да ги објавувате резултатите од квизовите кои и онака немаат никаква смисла – тие не се никаков показател за вашата индивидуалност и креативност. Второ, бирајте ги пријателите. Доколку се работи за некој што еднаш сте го виделе во животот или пак некој заради кого ќе мора да ги цензурирате апдејтите, слободно кликнете ignore! Како и со другите нешта во животот, повеќе не значи подобро. Квалитетот секогаш е поважен од квантитетот.

- Реклама -