Дали Ајнштајн бил во право?

einstein_ppНа 14 април од Универзитетот во Станфорд
(САД) стигнаа првите официјални информации за експериментот што беше
неодамна изведен за да се проверат два ефекта од Ајнштајновата општа
теорија на релативност.

einstein

На 14 април од Универзитетот во Станфорд (САД) стигнаа првите официјални информации за експериментот што беше неодамна изведен за да се проверат два ефекта од Ајнштајновата општа теорија на релативност.

Уште во 1959 година станфордскиот професор Леонард Шиф го предложил следниот експеримент. Да се прати сателит околу Земјата со еден или повеќе жироскопи (сферни тела кои ротираат околу својата оска исто како што и нашата планета има своја оска на ротација). Сателитот да има телескоп кој цело време ќе биде вперен кон избрана ѕвезда (во експериментот тоа е ѕвездата Им Пегаси) и во тек на една година ќе го мери скршнувањето на оската на ротација во однос на правецот во кој се наоѓа избраната ѕвезда. Според Њутновата теорија на гравитација, оската на ротација на секој од жироскопите треба да има константна насока во однос на далечните ѕвезди, но според Ајнштајновата теорија се јавуваат два мали ефекта кои предизвикуваат отстапување од правецот на избраната ѕвезда. Се зема жироскопите да ротираат така што овие два ефекта се мерат независно во две различни рамнини.

Првиот ефект е геодетска прецесија, кој треба да покаже ротација на оската на жироскопот од околу 0,0018 лачни степени. Во овој ефект клучна улога играат брзината на жироскопот околу Земјата како и земјината привлечна сила врз жироскопот. Вториот ефект е 170 пати помал и според Ајнштајновата теорија треба се регистрира отстапување на правецот во однос на избраната ѕвезда од околу 0.000011 лачни степени. Главната причина за појавата на овој ефект е ротацијата на Земјата (околу својата оска).

Се работи за исклучителен експеримент во кој првпат се мерат агли на скршнување на еден жироскоп. Подготовките за овој необичен експеримент на Универзитетот во Станфорд во соработка со НАСА траеле повеќе од четири децении. Било неопходно да се развијат десетина нови технологии. Изработени се 92 докторски дисертации од кои 79 на Универзитетот во Станфорд, а самиот проект до денес чини 750 милиони долари. На 20 април 2004 година, по завршувањето на сите подготовки за експериментот, лансиран е сателит со 4 жироскопи. По собирањето на податоци подолго од една година и по 18- месечна анализа на податоците, деновиве беа соопштени првите официјални резултати. Првиот ефект (геодетска прецесија) е потврден со отстапување помало од 1 отсто, а за вториот ефект (frame dragging), грешката при мерењето е 0,000014 лачни степени и е поголема од очекуваната вредност 0,000011 лачни степени, па засега не може да се каже ништо за експерименталната верификација на овој ефект. Причината за така неочекуваната голема грешка при мерењето е од технички карактер, така што се јавуваат феномени, кои откако добро ќе се моделираат, треба да се одземат од мерните вредности и потоа да се види дали очекувањата ќе бидат исполнети.

Експертите од Универзитетот во Станфорд веруваат дека до декември годинава грешката при мерењето ќе биде 10 пати помала и тогаш ќе може дефинитивно да се види дали frame dragging” ефектот ќе соодветствува на теоријата или не. Геодетската прецесија е неодамна потврдена со мерењата што се вршат преку движењето на Месечината и тоа со отстапување исто така помало од 1 отсто, но помалиот ефект (frame dragging) е вистински предизвик за научниците, бидејќи никогаш претходно директно не е мерен како сега. Во декември ќе дознаеме дали Ајнштајн бил во право. Ненадејно големо отстапување од очекуваните вредности може да ја стави под прашалник и валидноста на Ајнштајновата теорија. Сите досегашни експерименти изведени во Сончевиот систем главно добро се сложуваат со Општата теорија на релативноста, но не и сите експерименти надвор од Сончевиот систем. На пример мерните податоци за некои од бинарните пулсари добро се согласуваат со теоријата, а за некои се наоѓаат на граница на согласување. Современите набљудувања во космологијата исто така не се согласуваат најдобро со теоријата. Секако, треба да се прави разлика помеѓу општата релативност и специјалната релативност. За Специјалната теорија на релативноста нема сомнение во нејзината валидност.

проф. Костадин Тренчевски, ас. Емилија Г. Целакоска

виа.

 

- Реклама -