„Во Италија, нуклеарната енергија предизвикува голем страв; никој не сака нуклеарна централа во комшилук“, пишува италијанскиот фотограф Андреа Пуџиото, во контекст на неговата фото-серија „Vie chez la central“, која во превод значи „Живот во нуклеарниот центар“.
Но ова погоре не важи за Франција, барем не за нуклеарната централа Bugey во Сент-Вулбас, околу која доброволно живее прилично среќна заедница од луѓе – ако ги прашате нив, која патем е постојано во пораст. Животот до нуклеарната централа им гарантира привилегии што другите ги немаат – бесплатна енергија и пространи домови со големи градини, а по многу достапни цени.
Пуџиото поминал околу една недела во местото, за подобро да се запознае со луѓето и животот во „необичниот рај“. Притоа го пренесува разговорот со еден од локалните жители:
„Уживаме во многу привилегии за кои останатата популација може само да сонува. А ризикот е ист. Животот е подобар тука.“
Што се однесува до фотографиите, за најчеста позадина Пуџиото ги избира препознатливите и импозантни кули за ладење на нуклеарната централа, од кои излегува водената пареа што се ослободува од вишокот топлина во нуклеарните рактори. Вели дека сакал да раскаже сторија со фотографии кои нема потреба да ги објаснува со зборови. Па така, фотографиите му се спој од позната селско/приградска идила и визуелно застрашувачкото присуство на нуклеарната централа: луѓето се сончаат во своите дворови или се ладат покрај своите базени, децата си играат, кравите пасат (а подоцна даваат и млеко што локалните го пијат)… Се работи за еден силен контраст од безбедноста што ја бараме и ни ја пружа домот, наспроти потенцијалниот ризик од животот во нуклеарниот центар.
А ризикот? Ништо посебно. Впрочем, ако знаете дека (и) бананите се радиоактивни, можеби знаете и дека постои единица мерка за радијација што е еквивалент на радијацијата на една банана – BED. Ако го знаете тоа, веројатно знаете и дека мерната единица BED, меѓу другото, настанала и со цел да се популаризира фактот дека живеењето до нуклеарен реактор е сосема безбедно од аспект на радијацијата што ја примате.