Да се врати металната ограда пред владината зграда, одлучи владата на седница

За оградата која треба да се врати, како што велат од владата, новиот директор на СОЗР Ивица Томовски дал информација дека изминатите години, откако била отстранета е несоодвено чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната „Илинден“, за што, според него, треба да се направи дополнителна проценка

Металната ограда од два и пол метри повторно ќе биде поставена околу владината зграда во центарот на главниот град. Оваа одлука денеска е донесена на владина седница, со оглед, како што се вели во соопштението од владата, дека објектот досега бил опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственот на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Затоа се задолжува Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне со постапка за враќање на оградата која веќе еднаш беше поставена“,

се вели во соопштението од владината седница.

За оградата која треба да се врати, како што велат од владата, новиот директор на СОЗР Ивица Томовски дал информација дека изминатите години, откако била отстранета е несоодвено чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната „Илинден“, за што, според него, треба да се направи дополнителна проценка.

Металниот дел од оградата пред објектот на Владата беше отстранет во февруари 2019 година, за време на владеењето на поранешниот премиер Зоран Заев.

Од оградата тогаш останаа само белите бетонски столбови, за чие отстранување од тогашната влада беше соопштено, дека би чинело многу пари. Отстранетата метална ограда тогаш беше најавено дека ќе се пренамени во нешто друго, како настрешници или клупи.

Инаку, оградата пред владината зграда беше поставена во 2015 година, кога објектот доби и нова барокна фасада. Според информациите од медиумите од тој период, таа чинела околу 700 илјади евра.

Тогаш, поставувањето на метална ограда околу објектот на Владата предизвика реакции во јавноста.

Во тој период пред Владата се случуваа масовни протести, кои започнаа по објавување на прислушуваните разговори или т.н. „бомби“.

Кога во 2017 година, на чело на владата застана поранешниот премиер Зоран Заев, најави дека ќе ја отстрани оградата пред владата, со образложение дека објектот треба да биде отворен за граѓаните. Тоа, истовремено беше едно од предизборните ветувања на Заев.

- Реклама -