Кога експертот за маркетинг Роберто ќе добие имејл наменет за некој Фреди, го брише без размислување. Но писмата и натаму пристигнуваат, па љубопитниот Роберто почнува скришум да ги чита. Му ги испраќа психотерапевтката Лаура, која заедно со Фреди пишува книга за чудата на љубовта и заљубеноста, за можноста за одржување на врските, за верувањето во идеали, но и за недостатокот на љубов и претворањето на магепсаноста во завист.
Со секоја нова порака, замислениот Роберто сè повеќе ги преиспитува сопствените љубовни искуства и се обидува да се разбере себеси. Охрабрен од стручните познавања и искуства на Лаура и прикриен во анонимноста на интернетот, Роберто го презема идентитетот на Фреди и почнува да ѝ пишува писма на Лаура, во кои ги изнесува своите приказни и размислувања за љубовта и среќата. Но реалниот свет му подготвува едно изненадување…
Романот „Да се сака со отворени очи“ на еден од најомилените и најчитаните психотерапевти во светот, Хорхе Букај, е единствен во многу погледи – напнатата, прекрасно раскажана приказна е истовремено најпиткиот и најчитаниот прирачник за љубовните односи, за љубовта што исчезнува и што треба да се одржува.
Хорхе Букај
Психотерапевтот и писател Хорхе Букај е роден во 1949 г. во Буенос Аирес. Живее во Аргентина, Шпанија и Мексико. Познат е како предводник на групни терапии, а ширум светот се прославил како успешен писател. Има објавено дванаесет успешни романи меѓу кои се истакнуваат Да ти раскажам една приказна и Да се сака со отворени очи, како и Cartas para Claudia, Recuentos para Demian, Cuentos para pensar, El Cochero, El Juego de los cuentos и Cuenta conmigo, продадени во милиони примероци и преведени на повеќе од дваесет јазици.
Повеќе информации за книгата ќе најдете на веб-страницата на Издавачкиот центар ТРИ, www.kniga.com.mk.
Добитници на „Триумфална капија“ се:
1. Тања Тикова
2. Драган Јорданов
3. Александар Свенчев