Да се гледа светот наопаку

Верувањата околу тоа како работи визуелната перцепција минаа низ прилично радикални промени низ историјата. Во древна Грција, се мислело дека нашите очи емитуваат снопови од светлина и ги осветлуваат објектите кои ги гледаме. Приврзаници на таквата „теорија на емисијата“ биле најголемиот дел од тогашните мислители, вклучувајќи ги Платон, Евклид и Птоломеј. Оваа идеја доби толку кредибилитет што доминираше во западната мисла во следните 1000 години. Дури и денес голем дел од американските студенти на колеџите веруваат дека ние всушност „испукуваме“ снопови светлина од очите; можеби како резултат на многу стрипови? Се разбира, не е така.

Сликава би требало да ви изгледа познато.
Сликава би требало да ви изгледа познато.

Моделот на визијата што денес го познаваме прв пат се појавил во 16-от век, кога Феликс Платер поставил тврдење дека окото служи како оптика, а ретината како рецептор. Светлото од надворешен извор влегува низ рожницата и е прекршена од леќите, формирајќи слика на ретината – мембрана сензитивна на светлина, лоцирана на задниот дел на окото. Ретината ги детектира фотоните од светлината и одговара со испукување на нервни импулси долж оптичкиот нерв до мозокот. Механички зборувано, сé што нашите очи гледаат – гледаат наопаку. Тоа е затоа што прекршувањето на светлината преку конвексна леќа формира обратна слика, па таква е и таа што стигнува до ретината.

Тогаш зошто светот не ни изгледа наопаку? Одговорот е во моќта на мозокот да се адаптира на сензорната информација што ја прима и да ја направи соодветна на она што веќе го знае(ме) т.е. на некој начин да ја преведе. Во суштина, мозокот ја зема сировата, превртена информација и ја претвора во кохерентна, разбирлива, исправена слика. Ако се сомневате, направете мал експеримент: нежно притиснете го долниот десен агол од очното јаболко преку очниот капак – ќе видите црна точка што ќе се појави во горниот лев агол од видното поле, докажувајќи дека сликата била превртена.

Кога сме кај превртената визија и мозокот, доаѓаме и до психологот Џорџ М. Стратон, кој во 1890 година спроведе серија експерименти со цел да ја тестира способноста на мозокот да ја нормализира сензорната информација. Во еден експеримент, кој траел 8 дена, Стратон носел сет од очила што го приемале светот обратно, т.е. го превртувале неговиот вид наопаку. Првите 4 дена, визијата на Стратон останала превртена, а тој имал потешкотија во движењето во просторот, бидејќи му изгледало како да е превртен во светот. Сепак, веќе на петтиот ден, Стратон можел да функционира нормално, бидејќи неговата перцепција се адаптирала на новата информација. Тој тврдел и дека почнал да гледа нормално (низ превртените очила), макар што поновите експерименти не можат да го потврдат тоа негово тврдење.

reversing_goggles_1[1]

Како и да е, кога се работи за мозокот, тоа не е единствениот трик што знае да го изведе додека ја „преведува“ сировата дисторзирана информација во корисна, разбирлива слика. Сликата што удира во ретината на окото е рамна, дводимензионална 2D проекција. Мозокот мора да направи преклопување на овие две слики за да создаде една навидум 3D слика во умот и да ѝ даде длабинска перцепција доволно прецизна за да можеме да фатиме топка во лет, на пример, или да фрлиме објект кон оддалечена мета.

Исто така, работа на мозокот му е и да ги пополни празнините во визуелната информација. Оптичкиот диск или т.н. „слепа точка“ е област во ретината каде што се прикачени крвните садови и оптичкиот нерв, па таму нема визуелни рецепторни клетки. Сепак, освен ако не користиме одредени трикови за да ја лоцираме празната дупка во нашиот вид, ние всушност никогаш не ја забележуваме, и тоа токму заради тоа што мозокот е вистински маестро кога се работи за спојување на точките (дупката во видот на десното око ја пополнува со сликата од левото око, и обратно).

Друг пример е и перцепцијата на бојата: најголем дел од 6-7-те милиони конусни фоторецептори во окото – клетките што ја детектираат бојата – се сместени во таканаречената fovea centralis во центарот на ретината. На периферијата, нашиот вид се состои воглавно од црно-бело. Сепак, ние восприемаме целосна, обоена слика од раб до раб, повторно затоа што мозокот е способен да црпи од информациите со кои веќе располага од претходно.

upsidedownОваа моќ на умот да составува делчиња од некомплетна информација користејќи претпоставки од претходни искуства, научниците ја нарекуваат „несвесна инференција“. Со оглед на тоа што црпи од минатото, тоа не е вештина со која се раѓаме – мораме да ја научиме/стекнеме. Се смета дека во првите неколку дена, бебињата го гледаат светот наопаку, бидејќи нивниот мозок едноставно сé уште нема научено да ја преврти визуелната информација. Така да, не се возбудувајте ако бебето ве гледа збунето додека му се смеете, веројатно само се обидува да сфати кој дел од лицето ви е горе.

- Реклама -