„Plata o plomo“, или од шпански преведено „мито или смрт“. Тоа бил начинот на кој Пабло Ескобар ја држел цела Колумбија во рака. Се работело за ултиматум кој му го поставувал на секој полицаец или било кој друг кој ќе му се нашол на патот.
Со други зборови, можеле да бираат: да го направат тоа што Пабло го сака, или да добијат куршум во глава.
Освен кокаинот, за успехот на Пабло Ескобар заслужни се неговата посветеност, насилството, и како што рековме, митото. Тоа се темелите на кои Пабло го изградил своето царство – картелот Меделин, кој во ’80-тите години во САД криумчарел по 15 тона кокаин дневно.
Разбирливо, повеќето се одлучувале за „plomo“, па и властите, и со тоа му овозможиле на момакот од колумбиското гратче Рионегро во своите раце да приграби 80% од светската трговија со кокаин.
Како што веќе знаете, за неверојатниот живот на најпознатиот и најбогатиот дилер на дрога во светот снимена е и серија на Netflix – „Narcos“, која доживеа огромна популарност.
Славната Тата Ескобар
Денес, 24 години по неговата смрт, ЦИА сé уште трага по неговите тајни залихи. Оттаму лесно е да се замисли дека бракот со тако човек е приказна сама за себе. Незапирлив водопад од пари, сите околу него премногу исплашени да му кажат „не“ на било кој негов каприц? Па и не било баш така.
Имено, иако серијата Narcos ја претставува неговата сопруга Марија Викторија Хенао како посветена и разумна сопруга, потребно е да се разграничи фикцијата од реалноста.
Некогаш родителите можеби и треба да се слушаат
Додека Пабло Ескобар бил син на скромен фармер и учителка, Марија „Тата“ Ескобар била спротивното – потекнувала од богато и престижно семејство. Имала само 13 години кога се запознале, а се омажила на 15. Со оглед дека била цели 11 години помлада од Пабло, можете да замислите колку било воодушевено нејзиното семејство од нејзиниот избор.
Сметајќи го Пабло за премногу прост за неа, се обиделе и да спречат да се гледаат. Но Марија била тврдоглава и бунтовна, а нејзиното образложение зошто се омажила го прераскажува нивниот син:
„Се заљубив во неговата желба да им помага на другите, и неговата емпатија за тие во неволја. Ние двајца често се возевме низ сиромашните квартови и фантазиравме како таму ќе градиме школи за сиромашните“.
Уште од самиот почеток Пабло секогаш бил џентлмен. Оттаму е безбедно да се заклучи дека Марија баш и не била упатена во неговите планови за криминално освојување на светот.
Многу, многу измами
Иако веројатно се сакале, тоа не значи дека Пабло Ескобар немал жед за авантури на страна. Напротив, тој наводно имал еден куп афери, најчесто со многу помлади жени.
Меѓу љубовниците на кралот на кокаинот се спомнува и новинарката Вирџинија Валехо, која со него била во врска 5 години, а во своите мемоари отворено ги фали неговиот шарм, харизма, страст, љубовнички способности, ама и неговата свирепост. Мемоарите се издадени во 2007 година, со наслов „Љубејќи го Пабло, мразејќи го Ескобар“. Тоа доволно зборува.
Постојано во бегство
Иако спиел на пари, може слободно да се рече дека Ескобар немал слобода. А со него и неговото семејство. По неговата смрт, Марија и нивните деца побегнале во Буенос Аирес, плашејќи се од одмазда од ривалските нарко картели.
Аргентина им дала азил, а таа го променила своето име во Марија Изабел Сантос Кабалеро. Но пред да стигнат до таму, семејството дури отпатувало и до Мозамбик, а дури и во Ватикан молеле за помош. Биле одбиени.
Дури и со нов идентитет, животот во Аргентина не бил едноставен. Само неколку часови откако јавноста открила за нивниот престој во земјата, во 1999 година, Марија и Хуан Пабло (синот) се уапсени под обвинение за перење пари. Се извлекле без последици, но подоцна Марија обвинуваше дека целата истрага била политички мотивирана.
На крајот – неизвесност без крај
И по сите перипетии во Аргентина, Марија остана еден вид мистерија. Никој всушност не знае каде е таа денес, што за неа е веројатно одлична околност. Со оглед дека двете нејзини деца сé уште живеат во Аргентина, постојат солидни шанси дека и таа е некаде во близина, притаена, па можеби и со сменет личен опис – со козметичка операција.
Но постојат и тврдења дека Марија сега има нов идентитет и живее во Северна Каролина, САД. Нејзиното последно појавување во јавност беше во документарецот од 2009-та година – „Sins of my father“, со кој Хуан Пабло практично побара да му биде простено за однесувањето на неговиот татко.
…
Велат дека зад секој моќен/успешен маж стои голема/успешна жена, но со оглед дека и 20 години по смртта на Пабло Марија сé уште живее под псевдоним, јасно е дека целото нејзиното семејство платило огромна цена за криминалниот животен стил кој Пабло самиот го избрал.
Можеби најважно од сé, животот на Марија ни покажува дека да се биде жена на гангстер не е ни тронка толку гламурозно како во филмовите.