ЦУК: По Скопје, невремето продолжи во Битолско, Струмичко и во Гевгелиско – жителите да преземат мерки за заштита на имотот

„Истовремено, медиумите ги пренесоа и конкретните адреси за дел од погодените места во Скопско од локалното силно невреме, со што информираа за можните критични точки каде што има прекин на сообраќај или опасност за луѓето во таа близина“, велат од ЦУК

Иако невремето во Скопскиот Регион се стиши, грмежи и дожд продолжија во Струмичко, Битолско, Гевгелиско и низ други делови низ државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), од каде што посочуваат дека благодарение на медиумите, жителите на другите места низ земјата презеле превентивни мерки да го заштитат имотот, како и да се засолнат за време на невремето.

Паднато дрво од невремето во Скопје / Фото: ЦУК

„Истовремено, медиумите ги пренесоа и конкретните адреси за дел од погодените места во скопско од локалното силно невреме, со што информираа за можните критични точки каде што има прекин на сообраќај или опасност за луѓето во таа близина“,

велат од ЦУК.

Паднати дрвја, оштетени автомобили, откорнати кровови, се дел од штетите предизвикани од пладневното невреме со силен ветер што зафати делови од Скопје. На бројот 112 биле добиени пријави за 16 паднати дрвја, три оштетени возила, седум кабли откачени од бандери, три откачени и оштетени кровови.

Паднати дрвја имало на булеварите „Климент Охридски“ и „Трета македонска бригада“, како и на улиците „Јуриј Гагарин“, „Дванаесетта македонска бригада“, во близина на Воен базен на патот кон касарната и во населбата Сопиште. Од населбата Карпош, како што информираат од ЦУК, биле стигнати пријави за откачен кров од приватна куќа на улицата „Јуриј Гагарин“, а во Козле имало пријава за откачен лим од приватна куќа. Од ЦУК денеска информираа и за една повредена жена откако дрво паднало врз неа на булеварот „Климент Охридски“ во Скопје.

- Реклама -