Чудото се вика – Турново!

Минатата сезона беа при дното, се бореа за опстанок, мораа да играат и бараж за да обезбедат уште една сезона во елитата.

Сега, по десет кола од новата сезона, тие се на врвот, од високо ги гледаат Вардар и Металург, клубови кои сигурно имаат најмалку четири пати поголем годишен буџет од нив. Чудото се вика Турново и се наоѓа на чело на табелата во Првата фудбалска лига. Првото прашање наменето за првиот човек на турновци, Орце Тодоров, е како успеа тимот за така кусо време да се издигне кон самиот врв.

„Ја свртевме табелата наопаку. Бевме на дното, сега сме на врвот“, вели во свој стил за ЕКИПА, Орце Тодоров. Сепак, не е така лесно да се сврти табелата, посебно што клубовите од врвот „тежат“ навистина многу повеќе. „Турново е млада екипа која неколку сезони игра заедно и евидентно е дека сега дојде времето да се берат плодовите од напорната работа со младите фудбалери.“

„Најголемиот дел од фудбалерите се на возраст до 23-24 години, а доведовме две искусни засилувања во Зоран Балдовалиев и во Дејан Блажевски, кои засега одлично го предводат тимот. Тука е и Петковски, а најважно е дека се создаде една хемија во составот. Одигравме одлично во овие први десет кола, имаме примени само три гола, ако ја тргнеме на страна ’хаваријата’ што ни се случи на гостувањето против Вардар. Тој меч го одигравме многу лошо, но, за среќа, не го поремети нашиот пат кон врвот“, вели Орце Тодоров.

Покрај неговата компанија „Хоризонт“, во трансформираното акционерско друштво се вклучува и уште една успешна компанија, „Здравје Радово“, која од оваа сезона ќе биде рамноправен партнер во клубот. „Здравје Радово е успешна компанија и драго ни е што одлучи да го помага ФК Турново. Резултатите се веќе евидентни и верувајте дека нема да застанеме тука, нашите амбиции се да обезбедиме излез во Европа оваа сезона“, додава претседателот на клубот.

По десет кола, Турново е чудо! Но, турновци се надеваат дека нивното чудо нема да биде „за три дена“, како што вели народот, туку ќе трае во текот на целата сезона.

- Реклама -