Во таборот на хрватската репрезентација владее огромно разочарување по минималниот пораз од Шпанија што значеше и елиминација на „коцкестите“ од европскиот шампионат.
Хрватите имаат за што да жалат ако се земат во предвид неколкуте шанси што оваа селекција ги имаше при резултат 0-0, но и поради недосудениот пенал за прекршокот врз Ведран Чорлука по корнерот на Лука Модриќ. Токму Чорлука е најгласен во критиките кон судијата Волфганг Штарк, посочувајќи го германскиот арбитар како главен виновник за прераната елиминација.
„Ограбени сме, сите можеа да го видат тоа. Слепецот не виде два очигледни пенали, првиот врз Манџукиќ, а вториот врз мене, кога со две раце бев влечен од страна на шпанскиот фудбалер. Фрустрирачки е да се загуби на ваков начин, особено поради начинот на кој што игравме против актуелните европски и светски шампиони“ – изјави Чорлука.
Славен Билиќ, кој што ќе го напушти кормилото на националниот тим за да седне на клупата на Локомотив Москва, истакна дека е горд на изданието на своите фудбалери, но и жали што добрата игра не беше наградена со поволен резултат за „коцкестите“.
„Никогаш досега во животот не сум бил толку горд на своите фудбалери. Против себе го имавме светскиот првак и успеавме целосно да го неутрализираме. Игравме одличен меч, создадовме шанси, но за жал тоа не беше доволно за да се пласираме во четвртфиналето“ – рече Билиќ по поразот од Шпанија.