По 25 години, њујорчани конечно го дочекаа првиот викенд без престрелка или убиство. Како што истакна њујоршката полиција, последен таков имало во 1993 година.
„Цел петок, сабота и недела поминаа без пукање и убиство. Ова е прв пат во неколку децении да се случи вакво нешто, и сите можеме да бидеме горди на ова“, нагласи шефот на полицијата Џејмс О’нил.
За споредба, во Њујорк во текот на 2017-та се забележани 292 убиства, што е најмал број на злочини во последниве 70 години. Во 2016-та, регистрирани биле 334 убиства.
Градоначалникот Бил де Бласио ја пофали полицијата поради намалувањето на стапката на насилство. Тој потсети дека никој не верувал дека е можно Њујорк да дочека ден кога ќе има помалку од 300 убиени годишно, но ете, истакна, њујоршката полиција успеала и во незамисливото.
И покрај ова, бројките за 2018-та велат нешто друго. Освен мирниот викенд, годинава бројот на убиства во најголемиот американски град е повторно во пораст. Од 1 јануари до 30 јуни се регистрирани 148 убиства, што е зголемување за 8% во споредба со истиот период лани, потенцираат американските медиуми.
Њујорк, патем, има над 8.5 милиони жители.