Човекот што прв откри дека не постојат две исти снегулки

За неговиот 15-ти роденден, Вилсон Алвин Бентли (9 февруари 1865 – 23 декември 1931) добива микроскоп од мајка му.

„Под микроскоп открив дека снегулките се чуда од убавина; и се чинеше како голема штета оваа убавина да не биде видена и ценета од другите. Секој кристал беше ремек дело од дизајн, и ниеден дизајн никогаш не се повторуваше. Кога една снегулка ќе се растопеше, дизајнот беше засекогаш изгубен. Толку многу убавина исчезнуваше, без да остави траг зад себе“, пишува Бентли во неговата биографија.

Му требале неколку години мачни обиди и грешки, но на 15 јануари 1885 година, на возраст од 19 години, Бентли го направи првиот фотомикрограф од снежен кристал (снегулка) во светот, адаптирајќи го микроскопот во камера со подвижен објектив. После тој успех, Бентли ќе фотографира повеќе од 5.000 снегулки во текот на животот, и никогаш нема да најде две исти.

Кенет Лајбрехт – професор на Институтот за технологија во Калифорнија, вели дека иако квалитетот на фотографиите на Бентли ги рефлектира техничките лимити на опремата од тоа време, техниката која Бентли ја користел за да ги фотографира снегулките е во суштина истата што се користи и денес.

„Бентли го направи тоа толку добро, што речиси никој не се помачи да фотографира снегулки во следните речиси 100 години“, истакнува Лајбрехт.

Процесот што Бентли го развил бил толку уникатен и иновативен, што кога прв пат ги споделил неговите фотографии со другите, многумина, особено научниците и професионалните фотографи, изразиле сомнеж околу нивната автентичност и способноста на Бентли. Долго ќе биде игнориран, но сепак, на крајот Бентли ја добива заслужената почит.

Неговиот младешки интерес во микроскопската убавина на снегот прерасна во научна љубопитност околу формирањето и структурата на снежните кристали, па Бентли ќе се посвети на неговите фотографии и проучување на снегот и другите атмосферски феномени.

Фасцинацијата од снегот, научната љубопитност и фотографските иновации, ќе доведат до тоа Бентли да сними детални опсервации на временските случувања, а тие 47 години собирани опсервации и анализи ќе ги смести во 9 тетратки кои обезбедуваат корисни информации за дневните временски услови во негово време, како и детални анализи од фото-сесиите. Сé на сé, Бентли ќе објави 49 популарни и 11 технички статии на тема снежни кристали, мраз, утринска роса, и дождовни капки, а негов прилог за „снег“ ќе се најде и во 14-тото издание на најпопуларната енциклопедија „Британика“. Во 1920 година ќе биде избран за член на Американското метеоролошко друштво.

По неговата смрт во 1933 година, Бентли добива репутација на пионер во проучување и фотографирање на времето и временските услови. Доживеа да ја издаде Snow Crystals во 1931 – книга со неговите фотографии од снегулки, но набрзо умира од пневмонија, откако се враќал дома низ една снежна вејавица (ех, иронијата). Заради неговата прекрасна работа со снегулките, Вилсон ќе стане познат како Snowflake („Снегулка“) Бентли.

Најголемата колекција од негови фотографии, денес е во сопственост на Jericho Historical Society во неговиот роден град Џерико, Вермонт.

 

- Реклама -