Коцкарниците во Лас Вегас, па и низ светот, го пречекуваат секој потенцијален коцкар со ширум отворени врати. Не и 59-годишниот Доминик О’Брајан, осмократниот светски првак и Гинисов рекордер во помнење. Велат дека неговиот мозок е посовршен од компјутер и многу покомпликуван (секој мозок е), веројатно алудирајќи на тоа дека е подобар од мозоците на останатите.
Како дете, Доминик имал проблеми со насочување на вниманието (ADHD) и тешко ја следел наставата. Освен тоа, пател и од дислексија и зборовите ги пишувал наназад.
„Како мал претрпев силен удар во главата“, се сеќава О’Брајан, кој верува дека таа незгода влијаела на неговата исклучителна способност за памтење.
Со оглед дека не бил сјаен ученик, школото го напуштил на само 16 години. Со вежбање на меморијата почнал да се бави сосема случајно, откако на БиБиСи гледал емисија за човек што го запаметува редоследот на 52 карти за играње, за помалку од 3 минути. На 30 години, О’Брајан почнува да ја вежба таа дисциплина. Тврди дека му биле потребни само неколку седмици за да се „увежба“.
„Искуството ме увери дека повеќето луѓе се способни да памтат. Проблемот е единствено во тоа што сме неупатени во техниките и системите, па потенцијалите цел живот скапуваат во мозокот неискористени“, ќе рече Доминик.
По година дена од запливувањето во водите на истренираната меморија, О’Брајан ќе се најде во Гинисовата книга на рекорди, откако ќе успее да го запамети редоследот на картите во 6 шпилови. Своевремено, многумина тврдеа и дека тоа е и лимитот колку човек може да запамти, но на Доминик не му требаше долго не само за да ги побие, туку и да ги засрами.
Во 2002 година, О’Брајан е повторно запишан во Гинисовата книга, откако успева да запамти 2.808 карти (54 промешани шпилови), погледнувајќи ја секоја карта само по еднаш. Картите ги излистал по правилниот редослед, притоа правејќи само 8 грешки, од кои 4 ги поправил на лице место.
„Не постои граница. Тоа е нешто во што можеш многу брзо да напредуваш ако работиш и ако си упорен“, вели О’Брајан – човекот што веројатно многу лесно може да го испразни било кое казино во Лас Вегас, но никогаш нема да ја добие таа шанса.