Човекот што ги помина кулите-близначки одејќи по жица

CoverManOnWire

Напомена: Ако планирате да го гледате The Walk (2015), да си знаете дека текстов е полн со спојлери (што не значи дека ќе ви се расипе филмот), од едноставна причина што ја раскажува вистинската приказна која го инспирирала филмот.

Вистинската приказна за Филип Пети е, пред сé, една извонредна модерна бајка. На 7-ми август, 1974-та, луѓето од Менхетн не можеа а да не застанат и да го посведочат неверојатниот настан што се одвиваше на небото – не птица, не авион и не Супермен. Не, туку луд 24-годишен Французин кој одеше по жица оптегната помеѓу двете тазе изградени кули на Светскиот трговски центар, на висина од околу 415 метри, без сигурносни јажиња што би го задржале ако падне и без никакви измамнички трикови, цели 45 минути!

philippe-petit-man-on-wire

Пети почнува како уличен изведувач на улиците на Париз – можел да биде виден како се вози на моноцикл, жонглира и оди по јаже (најчесто по две од нив, истовремено). Еден ден добива силна забоболка и оди на забар. „Сичко си е процедура“, па без оглед на итноста, тој е приморан да седне да чека и да пополни формулари. Додека чека и го чита бајатиот весник, каков што има во секоја забна ординација, Пети налетува на фотографија од „Кулите-близначки“. Кулите се сé уште во изградба – статијата зборува за тоа дека кога ќе бидат завршени, ќе бидат највисоките во светот. И токму во тој момент, неговиот животен сон е роден.

thewalk_linebetweentwintowers[1]
Од филмот The Walk.

„Мојата приказна е бајка. Еве сум, млад, 17-годишен, со расипан заб, во една од оние безбојни чекални кај француски забар. …И одеднаш, се смрзнав, бидејќи отворив весник и видов нешто величествено, нешто што ме инспирира. Гледам две кули и статијата вели дека еден ден тие кули ќе бидат изградени. Уште не се ни таму. А кога ќе бидат, ќе станат највисоките во светот.

…Сега, јас морам да го имам тоа, овој мал опиплив почеток на мојот сон. Сите ме гледаат, ама јас морам да ја имам таа страна од весникот. Па што правам – преправајќи се дека кивам, истовремено ја откинувам страната, ја ставам под јакната и излегувам. Се разбира, ќе имам забоболка цела недела. Но, што е болката во споредба со тоа што си го најдов сонот?“

wtc_1938[1]„Тие ме повикаа“, ќе објасни Пети подоцна. „Јас не ги избрав. Сé што е џиновско и направено од човек ме погодува на извонреден начин и ме повикува. Беше нешто што мораше да биде направено, не можев да го објаснам… беше повик од романтична природа“.

***

Следните 6 години, Пети трпеливо го негува својот сон, усовршувајќи ги вештините и уметноста на одењето по јаже, воедно и учејќи сé што може да се научи за Светскиот трговски центар.

Во меѓувреме, се случува и неговиот прв голем подвиг (се разбира, илегален, како и сите негови улични изведби), во 1971-та, кога ќе оди по јаже помеѓу двете кули на Богородичната црква (Нотр Дам) во Париз.

tumblr_n06r9iEVRq1si3l92o6_1280[1]Две години подоцна, во 1973-тата, ќе се качи и на столбовите на Harbour Bridge во Сиднеј.

51000[1]„Почнав како млад, самоук артист на жица, не толку многу да сонувам да го освојам универзумот, но, како поет, да освојувам прекрасни сцени“.

***

Во јануари 1974-тата, тогаш 24-годишен, тој ќе одлета во Њујорк за прв пат во животот, во обид да направи план за акција.

Кога прв пат пристигнува до „Кулите Близначки“ и ги погледнува одблизу, неговиот сон е речиси здробен до најситни парчиња:

„Моментот кога излегов од метрото и се искачив по скалите, гледајќи ги, знаев дека тие не се сон. Знаев дека сонот ми е уништен, инстантно… Невозможно, невозможно, невозможно. Јасно е дека е невозможно, не само да го изодам растојанието, за тоа не ни размислував, туку невозможно е да внесам речиси еден тон опрема, тајно, да ја прикачувам жицата со часови, да ја оптегнам. Јасно е дека е надвор од човечките можности, но нешто ме влече да се приближам до кулата и да ја допрам“.

man-on-wire-800-75[1]Пети почнува да ги набљудува кулите, фокусирајќи се на можните начини на кои би можел всушност да влезе и да стигне до кровот, се разбира, шверцувајќи ја целата потребна опрема. Тоа го прави со месеци, маскирајќи се во сé што би му помогнало, од турист, па до новинар (во една прилика, под маската на новинарско прашање, ќе извлече детали од шефот на Светскиот трговски центар). Гледајќи исклучиво кон небото, во еден момент Пети ќе стапне на греда со шајка, која ќе му го пробие стапалото. Но, всушност, тоа само ќе му помогне во инспекцијата на кулите, бидејќи очигледно, луѓето не се многу склони да испрашуваат човек со штаки или во инвалидска количка.

Еден ден, додека извидува, ќе налета на човек по име Бери Гринхаус, кој работел во Њујоршкиот оддел за осигурување, и тоа на 82-от кат (највисокиот изграден во моментот) на јужната кула. Гринхаус знае дека Пети не припаѓа таму, бидејќи го познава – ги има гледано неговите изведби во Париз. По малку муабет, Пети го стекнува првиот инсајдер што ќе му помогне да го изведе „Ударот“ (како што го нарекувал Филип).

Во еден момент, Пети ќе се качи и на хеликоптер, за да ги погледне кулите озгора. Поентата? Илузија за умот. Кога Филип ќе ги види кулите од повисоко, веќе не се толку страшни. Кога ќе ја оптегне жицата и ќе зачекори на неа, тоа нема да биде највисоката точка. Умот тоа го толкува како охрабрувачка околност.

manonwireledge[1]Во интерес на времето, ќе ги прескокнеме деталите и бројните пречки во создавањето на планот. Важно е дека Пети ќе успее да оформи два соучеснички тима: во неговиот ќе биде еден французин кој е секогаш спремен за авантури и еден Американец кој 35 години, секој ден, пуши џоинт. Во другиот е неговиот најдобар пријател од детството, Жан-Луис и еден резервиран (колку што може да биде) Американец – фотограф.

„Ударот“ е закажан за 7-ми август. Планот е секој тим да се искачи во по една од кулите и да ја внесе опремата, која во најголем дел е маскирана како градежен пакет кој треба да стигне на 82-от кат. Од таму, Пети и неговиот тим планираат да ја носат 20 ката нагоре, пешки. Со многу среќа, комбето ја поминува чуварската контрола во подрумот и стигнува до товарниот лифт. Човекот што раководи со истиот нема да го слушне шефот кога овој ќе му довикне „Носи ја на 82-ри!“, а со оглед дека му завршува работното време, без многу интерес ќе го праша Филип „На кој кат?“. Пети, итрец каков што е, без многу двоумење ќе одговори „104-ти!“.

Горе има чувари. Кога мислиш дека ги нема, ќе се појават од никаде. „Типчето со џоинтите“ ќе се исплаши и ќе сака да се повлече. Пети нема проблем со тоа, единствено е фокусиран на жицата и остварувањето на сонот. Типчето трча 100-тина спрата надоле, по скали, сиот радосен што нема да мора да учествува во лудилото до крај. Пети и неговиот пријател се кријат под едно платно, со часови, чекајќи да си замине чуварот.

Во другата кула, тимот на Жан-Луис исто така има проблеми со чуварите. На крајот е принуден да поминува пред носот на заспаниот полицаец.

Сеедно, планот уште се одвива во предвидените временски рамки. Времето што е потрошено на криење е надокнадено од 20-те бонус спрата искачени со лифт. Конечно, двата тима успеваат да се искачат на крововите и да си дадат сигнал дека се подготвени. Планот е Жан-Луис, со лак и стрела, да го префрли рибарскиот конец до другата кула, каде што Пети ќе може да го повлече јажето, со кое пак ќе ја повлече металната жица по која треба да оди.

AP_7408071327_web[1]

Пак прескокнуваме детали и неприлики (а ги има многу); само што се разденува, а жицата е поставена. Филип зачекорува и го почнува својот „танц“.

philippe_petit_tightrope_tower_full-xlarge[1]

Полицајците што пристигнуваат со задоцнување не можат да им поверуваат на очите. Пети, таков заебант даден од Бога, не сака да се симне од жицата и им се смее во лице.

man-on-wire[1]

Philippe Petit (Joseph Gordon-Levitt) in TriStar Pictures' THE WALK.
Од филмот The Walk.

Цели 45 минути, публиката долу на улицата, присуствува на настан што се случува еднаш во животот, настан што суптилно зборува за тоа што е животот и што го прави човекот – човек.

philippe_petit_tightrope_crowds-xlarge[1]

Пети ја поминува жицата 8 пати, легнува и ужива во погледот на небото, клекнува на колено и ги отпоздравува гледачите – создава магија што те остава со падната вилица и со солзи од восхит во очите.

Rosenthal_IMAGE_1_Man_on_Wire_2008_[1]Откако „ќе му здосади“, Пети се предава; не дека има избор. Полицијата го апси, но е пречекан како херој – од работниците, од минувачите на улицата, од новинарите, а и од самите полицајци. Репортерите го прашуваат: „Зошто? Зошто? Зошто го направи тоа?“, на што подоцна Филип ќе одговори: „Не постои зошто. Едноставно го направив“.

Запазете ја таа пресреќна фацка.
Запазете ја таа пресреќна фацка.

Значи вака, наша препорака е прво да го гледате The Walk [2015] (од режисерот на Forrest Gump и Cast Away), за да можете да уживате во деталите од приказната што ние ги пропуштивме, и секако, поемотивно да се запознаете со Филип Пети, преку солидната глума на Џозеф Гордон-Левит. Потоа, задолжително погледнете го Man on Wire, документарецот посветен на „Ударот“ на Филип, филмот кој доби Оскар за најдобар документарец во 2009-тата. Уживајте во емоцијата и умешноста со која Пети, овој генијален уметник и сонувач, зборува за животот, смртта, и се разбира, одењето по жица помеѓу двете кули. Неговата приказна е нешто што мора да се посведочи, макар и само на екранот.

- Реклама -