Човекот што 48 години сади дрва, сам, секој ден

Често луѓето самозалажувачки констатираат дека човек сам ништо не може да промени. Но при таквото тврдење свесно ги игнорираме приказните како таа на 60-годишниот Абдул Самад Шеик од Бангладеш.

Самад е возач на рикша и живее со својата сопруга и своите четири синови и ќерки во две трошни колиби на имотот на локалниот заменик-комесар. Свој имот немаат. Влече рикша речиси целиот свој живот, а заработува по околу 1.25 долари дневно – сума што одвај е доволна да се прехранат.

А сепак, Самад наоѓа време, сила, желба и средства секој ден да сади барем по едно дрво. Го прави тоа 48 години, 365 дена во годината. Тоа се над 17.500 дрва засадени од раката на еден човек, минимум. Самад, по своја проценка, вели дека вкупниот број е накај 50.000 билки.

Комшиите го паметат уште од дете, и тогаш со дрвце и лопатка во рака. Почнал редовно да сади на 12 години. Локално го нарекуваат „Tree Samad“, со исклучок на жена му, која често го нарекува со погрдни и прекорни епитети. Се обидува да го спречи. Го кара дека немаат доволно за да ги задоволат потребите на семејството.

Но „на Самад не му е гајле“, вели таа. Тој секојдневно успева да одвои дел од својата заработка за да купи барем по едно дрвце од локалниот хортикултурен центар, за да го засади. Нему дрвата му се приоритет. Вели дека не може да спие ако дента нема засадено…

Почнало со визија. Господ му рекол да сади дрва, раскажува Самад. Но истовремено го смета садењето и како негов долг кон светот; што, да потенцираме, е дијаметрално спротивно на тоа што повеќето од останатите го мислат, иако живеат многу подобро од него – дека светот им должи нив.

„Му должам на светот“.

„Главно садам на државно земјиште, за никој да не може да ги исече подоцна. Исто така ги наводнувам, а ако видам некој да сече дрво, протестирам и ги прекорувам. Ги сакам сите живи суштества, но дрвата посебно“.

„Самад е пример за нашата заедница. Неговото добро дело навистина инспирира“, вели Абул Калам, локалец. А „не се само дрвата“, додава соседот на Самад. „Тој е човек од голема помош. Можеш сé да побараш од него, и тој ќе направи сé што може за да помогне, без штедење. Тој е оној редок тип на личност што му е многу потребна на секое општество“.

Во сон да ги прашате локалните жители, веднаш ќе знаат да ви покажат барем неколку дебели дрва што Самад ги засадил пред некоја деценија. Затоа и толку го ценат, и на неговото дело гледаат исклучиво со почит и восхит. А го цени и неговиот 30-годишен син Кутуб Удин. „Никогаш му немам речено на татко ми да не сади дрва. Со тоа прави добро дело за општеството“.

Во меѓувреме, добрината на Абдул Самад се исплати и во материјална смисла. Неодамна локалниот весник The Daily Star му додели почести и парична награда од 1.253 долари, за да му помогне да изгдради подобар дом за своето семејство. Во неговиот церемонијален говор, „божјиот градинар“ беше скромен како што и се очекуваше, но не пропушти да ги повика и сите други да го следат неговиот пример.

„Не можам сам. Ми треба помош од сите вас“, порача Абдул.

https://youtu.be/xGWnlfOPeAs

 

- Реклама -