Не добар, туку Преспанскиот договор е нужен, оцени новинарот Александар Чомовски во вчерашното гостување дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21. Тој додаде дека нужен на Македонија ѝ бил и политичар како Зоран Заев.
„Јас и во една друга телевизија реков; Македонија имаше среќа што го најде Зоран Заев. Без таков, ќе кажам – налудничав политичар, кој сфати дека главните стратешки процеси се решаваат во првите две до три години од владеењето, ние ќе бевме црна дамка, црна оаза, закопана држава“, истакна Чомовски.
„Се разбира, тоа не е резултат на знаењето и умешноста на Зоран Заев и неговиот плурализам кој прилично лежерно му доаѓа до израз. Меѓутоа, овој тип на решавање на спорот со Бугарија и спорот со Грција, допрва ќе се изучува како модел, со сите слабости што ги има на домашната сцена. На крајот на краиштата, и еден Вучиќ и белградската школа велат ‘Па види, ајде да размислиме дека тоа Преспанскиот договор може е модел за решавање на косовско-српскиот дијалог и статусот на Косово. Тие се нови сфаќања кои допрва треба да ги изучуваме“, додаде тој.
Сепак, истакна новинарот, тоа не му дава за право на премиерот дека и во преговорите со Грција може да биде така лежерен, бидејќи, како што рече Чомовски, секој знае да си извлече максимум од тоа што може да си извлече од својата позиција.