Членките на НАТО договорија 40 милијарди евра воена помош за Украина следната година

Во јуни, сојузниците одлучија дека НАТО ќе преземе поголема улога во координирањето на воената помош за Украина, односно дека ќе ги замени САД, имајќи предвид дека Доналд Трамп, скептик на НАТО, се обидува да се врати во Белата куќа

Сојузниците на НАТО се согласија идната година да финансираат воена помош за Украина со 40 милијарди евра, изјавиле двајца западни дипломати за Ројтерс, една недела пред самитот на Алијансата во Вашингтон.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побарал од сојузниците да се согласат на повеќегодишна посветеност да продолжат да му помагаат на Киев на исто ниво како од почетокот на руската инвазија во 2022 година, во износ од околу 40 милијарди евра годишно. Земјите-членки, сепак, не го поддржале првичното барање на Столтенберг, но договорот вклучува одредба дека придонесите на сојузниците ќе бидат разгледани на идните самити на НАТО, изјавил дипломат за Ројтерс.

Сојузниците одлучиле да подготват два извештаи во текот на следната година за да одредат која земја што испраќа во Украина, рекол дипломатот, за да се исполнат барањата за поголема транспарентност во распределбата на товарот меѓу сојузниците.

Земјите-членки „ќе имаат за цел да го исполнат ова ветување преку пропорционални придонеси“, се вели во договорот. Финансиската обврска е дел од поширокиот пакет за Украина за кој лидерите на НАТО ќе се договорат на состанокот во Вашингтон од 9 до 11 јули.

Во јуни, сојузниците одлучија дека НАТО ќе преземе поголема улога во координирањето на воената помош за Украина, односно дека ќе ги замени САД, имајќи предвид дека Доналд Трамп, скептик на НАТО, се обидува да се врати во Белата куќа.

По руската инвазија на Украина во 2022 година, САД ги собраа пријателските земји во воздухопловната база во Рамштајн, Германија, формирајќи група нации што сега има околу 50 членови и редовно се состанува за да одговори на барањата на Киев за оружје со ветувања од донатори.

- Реклама -