Чили живот кучешки

Paprika_1[1]

Жените од Бангладеш што живеат во близина на реката Јамун, повеќе од 10 часа дневно поминуваат на плантажите со чили пиперчиња – зачинската билка што е неизоставен дел од многу кујни ширум светот.

По бербата, десетици жени и мали девојчиња ги редат пиперките на големи бетонски плочи, постојано поставени на сонце. Единствената заштита што им ги покрива главите обично е во форма на шамија од платно, или – поретко – обичен чадор.

Paprika_naslovna[1]

Со оглед на тоа дека мајките најголемиот дел од денот го поминуваат во пеколно жешкото – што по температура, што по вкус – море од чили пиперчиња, и нивните деца работат барабар со нив. Често ќе ги забележите и како ги пишуваат домашните работи и други школски задачи.

Фоткиве се од сиромашниот предел Гаибанд, кој се наоѓа на околу 240 километри од главниот град на Бангладеш – Дака, и каде одгледувањето и сушењето на чили пиперчиња е стара традиција, но и единствен начин за преживот. Да бидеме попрецизни, ова е најсиромашниот предел на Бангладеш, кој секоја година го зафаќаат големи поплави и монсунски дождови.

paprika_3[1]

И покрај тоа што Гаибанд е центар на одгледувањето на чили пиперки, а жените макотрпно работат по цели денови, тие немаат никаков пристап до пазарите или приходите што ги генерира нивната работа и земаат нечовечки мали плати. За повеќе од 10 часа работа, износот на дневницата е помал и од 1 американски долар.

Од друга страна, чили пиперчињата, познати по лутиот и пикантен вкус, се продаваат и извезуваат од Бангладеш по висока цена. А ги купуваат сите, насекаде низ светот, со тоа што за најголеми љубители на лутита јадења важат Индијците, Виетнамците, Мексиканците и Унгарците.

Paprika_2[1]

Патем, од Бангладеш потекнува и наводно најлутата пиперка на светот – јолокиа, а бидете сигурни дека не е евтина. Додуша, не дека жените и децата по плантажите имаат некаков аир од тоа.

- Реклама -