Комисијата за хартии од вредност сè уште молчи во врска со случајот „Макпетрол“ и по повеќе од 15 месеци одбива да открие до каде е постапката со обидот на преземање на нафтениот гигант. Илјадници вработени и акционери во Макпетрол, нивните семејства и целокупната јавност и натаму се заложници на неколкумина членови на КХВ, кои од своите комотни позиции бесконечно ја одолговлекуваат целата постапка.
Ова необјасниво однесување на институцијата чија основна задача е да го штити слободниот пазар и македонското стопанство во вакви случаи, го наметнува логичното прашање – чии интереси штити КХВ во случајот „Макпетрол“?
Единствената комуникација на КХВ со јавноста во изминатата година е минатонеделното соопштение во кое Комисијата и натаму не објаснува зошто крие што се случува со обидот за преземање и зошто постапката повеќе од една година е заглавена без конечен исход.
Во соопштението во кое КХВ пишува многу, но кажува малку, се вели дека понудата за преземање „уште од самиот почеток се третира и обработува професионално, стручно и одговорно, што е единствено прифатливо за Претседателот и комисионерите, како и за Стручната служба, а е потврдено и од второстепениот орган кој одлучува по жалба на странките во повисок степен“.
Во реалноста, ништо од ова не е точно – КХВ во изминатите 15 месеци ниту еднаш не се потруди да го објасни текот на постапката, со што можеше да ги отстрани сомнежите за своето работење. Наместо ова, КХВ постави неславен рекорд на нетранспарентност во македонските институции, одбивајќи да сподели макар минимални информации за случајот. Доколку Комисијата работела професионално и одговорно, зошто и натаму ги избегнува сите прашања поврани со Макпетрол?
Јавноста сега, по 15 месеци, првпат слуша дека второстепена комисија која одлучувала по жалба на некоја од странките во случајот. И натаму не се знае кој и зошто се жалел, како ни зошто на овој второстепен орган му треба повеќе од една година да се изјасни. Непознато е ниту дали доколку овој орган одлучи, тоа ќе значи дека постапката ќе се забрза.
Минатата недела, првиот човек на Макпетрол Андреа Јосифовски одржа прес-конференција на која се пожали дека компанијата работи под блокада предизвикани од неизвесноста поврзана со обидот за преземање и постапката која се одолговлекува.
За Јосифовски, минатогодишниот неуспешен обид за преземање бил класичен пример за перење пари, а Макпетрол, според плановите на преземачите, требало да заврши во приватни раце.
„Тоа се познати офшор шеми – прво се појавуваат странци, а на крај јас сум длабоко уверен дека Макпетрол требаше да заврши во нечии приватни раце“, рече претседателот на управниот одбор на Макпетрол Јосифовски.
Лани во јуни, сомнителната руско-украинска офшор-компанија „Балкан Петролеум“, регистрирана само еден месец претходно, започна постапка за непријателско преземање на најголемата македонска нафтена компанија. Наспроти пишувањата на новинарите-истражувачи, кои открија детали за матното минато на првите луѓе на „БХПЛ“, ниту една македонска институција не ги истражи тие наводи и не презеде ништо за да го заштити македонското стопанство од влез на сомнителен странски капитал.