Четворица ранети во напад со нож во црква близу Сиднеј, меѓу повредените и бискуп

Според видеото од инцидентот објавено на социјалните мрежи, нападот се случил во моментот додека бискупот Мари Емануел стоел пред олтарот на црквата и зборувал пред верниците, кога до него се приближил маж и го нападнал

Најмалку четири лица, меѓу кои и еден бискуп, се ранети во напад со нож за време на богослужба во црква во предградие на Сиднеј. Нападот, како што јавува Ројтерс, се случил за време на богослужба во црквата „Христос Добриот Пастир“ во предградието Вејкли, на околу 30 километри западно од Сиднеј. 

Видеоснимка од иницентот, како што пренесува Ројтерс, е објавена на социјалните мрежи. Најверојатно се работи за снимка од видеопреносот од богослужбата кој црквата го емитувала на својот фејсбук-профил. Според видеото, нападот се случил во моментот додека бискупот Мари Емануел стоел пред олтарот на црквата и зборувал пред верниците кога до него се приближил маж и го нападнал.

Покрај свештеникот, во нападот, според тамошната полиција, повредени се уште три лица кои се вон животна опасност. Ним им била укажана помош од страна на екипи на брзата помош.

Деталите и мотивите за нападот сè уште не се потврдени, а полицијата објави дека уапсила еден осомничен.

Денешниот напад во црква близу Сиднеј доаѓа на само два дена откако 40-годишен маж до смрт избоде шест лица и рани најмалку 11 други во трговски центар во источен Сиднеј.

Засега нема индиции дека двата настани се поврзани.

- Реклама -