„Четирите јавачи на индустриската апокалипса“ (The Four Horsemen of the Industrial Apocalypse) е последното дело на иновативниот британски вајар и уметник – Џејсон деКајрис Тејлор. Поставена е на насип во реката Темза во Лондон и ја најавува еколошката катастрофа која го очекува светот ако под итно не се преземе нешто по прашањето за климатските промени.
Скулптурите се во природна големина и се составени од двајца бизнисмени и две деца на коњи кои наместо глави имаат пумпи за вадење нафта. Ни Темза не е одбрана случајно – реката е место за трговија и трговска размена уште од железното доба. Децата, пак, се симбол на младите генерации што ќе бидат невини жртви на климатските промени.
Сето ова се соединува во многу силна симболика заради фактот што скулптурата се гледа само 2 пати во денот, што се должи на плимата и осеката на Темза, што директно го симболизира покачувањето на морското ниво како последица од глобалното затоплување.