Чепкање нос е лоша навика, особено за тој што гледа. Чепкање нос и јадење – тоа е веќе грозно. За чудо, кај децата и не e така ретка глетка.
Сега се појави една нова студија, која сугерира дека јадењето на „рудата“ од носот може да биде и здраво, пред сé за децата. Здраво, а и пожелно.
Мрсулите да ти имале низа здравствени бенефити, вели студијата, и тоа такви што се особено важни за децата во раст. Тоа е затоа што содржат плунковни муцини (гликопротеини составени од мукус), кои формираат бариера против бактериите кои предизвикуваат кариес т.е. шуплини во забите, пишува Kidspot.
Научниците веќе се во потрага по начин на создавање на синтететички мукус, кој би се „консумирал“ во форма на гума за џвакање или забна паста, со цел да ги заштити забите.
Згора на тоа, доказите од студијата сугерираат дека мукусот во мрсулите штити и од респираторни инфекции, стомачни чирови, и ХИВ.
Австрискиот специјалист по бели дробови – проф. Фридрих Бишингер, верува дека луѓето кои го чепкаат носот се поздрави, посреќни и веројатно „поусогласени со своите тела“ отколку останатите.
„А јадењето на сувите остатоци од тоа што го вадите (од носот) е одличен начин на зајакнување на имуниот систем на телото. Медицински гледано – тоа има многу смисла и е сосема природно“, вели Бишингер.
„Во смисла на имуниот систем, носот е филтер во кој се собираат голем дел од бактериите, и кога оваа смеса ќе стигне во цревата, делува исто како лек“, додава тој.
Ако се прашува професорот, не само што треба да запреме со стигмата околу чепкањето на носот, туку родителите всушност дури и треба да ги охрабруваат децата да го прават тоа.
Неговиот став се коси со доста претходни истражувања и препораки на доктори, кои тврдат дека чепкањето на носот може да резултира со крварење, и всушност ги помага бацилите.