Играчите на Челзи ги остварија најавите за одмазда кон Манчестер Јунајтед за неправедниот пораз на неделното премиерлигашко дерби, успевајќи да слави со 5:4 над лутиот ривал и да го елиминира од Лига купот на Англија.
Иако станува збор за најмалку значајното натпреварување во Англија, „Црвените ѓаволи“ имаат за што да жалат бидејќи три пати доаѓаа до предност, што не успеаја да ја задржат до самиот крај. Наивните пенали што ги направија младите дефанзивци се покажаа скапи за тимот на Алекс Фергусон, особено оној во судиското продолжение што му овозможи на Азар да го одведе мечот во продолженија (3:3).
Во дополнителните 30 минути можеше да се проследи целосна доминација на домашниот тим, најпрвин Стариџ казни една грешка на одбраната на Јунајтед и го постигна четвртиот гол за Челзи, за „Стемфорд бриџ“ да експлодира од еуфорија по ремек-делото на Азар и Рамиреш, кога Бразилецот на додавање на белгискиот ас се ослободи и од голманот Лиденгард пред да ја смести топката во неговата празна мрежа.
Во 120. минута беше досуден пенал за Јунајтед што Гигс го претвори во гол, но тоа беше недоволно за „Ѓаволите“ да избегнат елиминација од англискиот Лига куп.