Челзи го претрпе својот прв пораз во новата сезона од Премиер лигата откако „Сините“ загубија пред своите гледачи од Манчестер Јунајтед со 2:3.
Мечот што изобилуваше со фантастични потези и прекрасни погодоци на двете страни беше решен од страна на судијата Марк Клатенбург, кој заедно со своите помошници директно влијаеше врз резултатот.
Манчестер Јунајтед фуриозно го стартуваше овој дерби меч и експресно дојде до предност од 0:2, по автоголот на Луиз и погодокот на Робин ван Перси. Ова придонесе „Сините“ целосно да ја отворат играта и да тргнат со сите сили кон противничкиот гол.
Мата од слободен удар намали на 1:2, за Рамиреш на почетокот од второто полувреме да израмни на 2:2. И кога се очекуваше „Сините“ да постигнат и трет погодок, на сцена стапија судиите. Црвениот картон на Бранислав Ивановиќ за стартот над Ешли Јанг е наполно оправдан, но актуелниот европски шампион сигурно ќе има многу забелешки за исклучувањето на Торес, поради наводна глума по стартот на Еванс, иако повторените снимки покажаа дека имало контакт меѓу дефанзивецот на Манчестер Јунајтед и напаѓачот на Челзи.
Кулминација на судиската мизерија за Челзи беше третиот погодок за Јунајтед, што гостите го постигнаа од очигледна офсајд позиција преку Хернандез, кој се наоѓаше зад линијата одбранбени играчи во моментот на додавањето од Рафаел.
Иако Челзи се обиде да се врати во мечот, предноста од двајца играчи повеќе на противникот сепак беше преголема, па „Црвените ѓаволи“ стигнаа до голем триумф и сега се второто место на премиерлигашката табела со вкупно 21 бод, еден помалку во однос на Челзи.