Целовечерен концерт на Танец на 54- тото издание на Фестивалот Илинденски денови

Во четврток на 25 јули во 20:30 часот на Платото на Офицерски дом Битола, во предвечерјето на официјалното отворање на фестивалската програма на 54- тото издание на Фестивалот Илинденски денови, целовечерен концерт ќе одржи и Ансамблот за народни игри и песни – ТАНЕЦ.

„Ансамблот ТАНЕЦ е пример за сите културно-уметнички друштва, дома и во регионот, и затоа во континуитет, ја дава својата поддршка на манифестациите кои го негуваат фолклорниот аматеризам на високо ниво. Оттука, по прекрасниот ревијален вокално-инструментален концерт на јубилејниот 50-ти долненски фестивал „Пеце Атанасовски“, во четврток ќе настапи ревијално и во Битола, на покана на организаторите на овој најголем фолклорен фестивал кај нас, воедно и еден од ретките светски фестивали цертифицирани од CIOFF – светската организација која ги обединува чуварите на нематеријалното културно наследство, поддржана од УНЕСКО“ велат од Танец.

Фестивалот „Илинденски денови“, во организација на Центарот за култура – Битола, ќе трае тринаесет денови, со учество на 1.300 учесници од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и Соединетите Американски Држави. Самиот настан ја трансформира Битола во живописна сцена на традиционални носии, автентична музика и танц од сите меридијани на светот, со настапи кои започнуваат од Старата битолска чаршија, а продолжуваат низ Широк сокак, сѐ до платото на Офицерскиот дом.

Ексклузивниот целовечерен концерт на НУ ТАНЕЦ, на кој богататиот играорен и вокално-инструментален репертоар ќе го изведе големиот состав на ансамблот, со вклученост на сите три кора.

- Реклама -