Царинската управа запленила голем број непријавени патики, цигари и рачен алат

Непријавената стока е пронајдена во возила на граничните премини „Табановце“ и „Богородица“

Во моторно возило со странски регистарски таблички на граничниот премин „Табановце“, Царинската управа вчера спречила неколку обиди за шверцување на 62 пара патики, 37 парчиња рачен алат – шрафилки, пет парчиња брусалки и седум парчиња батерии со полнач.

„На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, возачот изјавил дека има само лични работи, но при преглед на возилото во багажниот простор, на задните седишта и под нив, во најлонски кеси и торби е пронајдена непријавената стока. Стоката е привремено задржана, а против лицето е поведена прекршочна постапка“,

велат од Царинската управа.

Фото: Царинска управа

На ГП „Богородица“, пак, од страна на мобилните царински тимови, на влез во државата се откриени дваесет и шест штеки цигари во два одвоени случаи. Во првиот – дванаесет штеки се откриени во кабината и надворешниот дел на влекачот од товарното моторно возило со македонски регистарски таблички, додека пак во вториот случај 14 штеки се пронајдени во уште едно товарно возило со македонски регистарски таблички, во кабината и во страничните шуплини од возилото.

Од Царина известија и за уште еден случај на спречување шверцување единаесет штеки цигари, исто така на Граничниот премин „Богородица“.

Фото: Царинска управа

„Непријавените цигари биле пронајдени во просторот за багаж во задниот дел од возилото, во просторот околу резервната гума како и на задното седиште од возилото. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поведена соодветна постапка“,

се вели во соопштението.

- Реклама -