Царинската управа запленила голем број фалсификувани производи и цигари

Спречен бил и обид за нелегален изнес на поголема сума на девизи на граничниот премин Табановце

Царинската управа во текот на изминатите денови спречиле неколку обиди за нелегална трговија и криумчарење. Меѓу запленетите работи се фалсификувани производи со потпис на познати модни брендови како облека и чанти од производителите „Луи Витон“, „Армани“ и „Гучи“, како и часовници „Ролекс“.

Фото: Царинска управа

На граничниот премин Богородица пак, во четири контроли се запленети 186 штеки цигари во вредност од околу 5 200 евра.

„На прашање од каде им се купени цигарите, лицата изјавија дека истите ги купиле на фри – шоп. Со ова е спречен обид за пуштање во промет акцизна стока за која е избегнато плаќање увозни давачки во износ од 319 177 денари“,

велат од Царинската управа.

Дополнително, на македонско-српската граница кај Табановце бил спречен обид за нелегален изнес на поголема сума на девизи од страна на македонски државјанин кој сакал да ја премине државната граница без да ги пријави.

„На лицето кое во себе носело вкупно 20.450 евра и седум илјади долари, согласно закон, му се вратени две илјади евра, а останатите се запленети. Против него е поднесена пријава за девизен прекршок“,

соопштија од Царина.

Фото: Царинска управа

- Реклама -