Булатовиќ: Србија нудеше да стане членка на НАТО за да го избегне бомбардирањето

Во очајнички потег на „една мала земја изложена на воена закана“, Слободан Милошевиќ ѝ понудил на Медлин Олбрајт СР Југославија да стане членка на НАТО, вели за „Танјуг“ Момир Булатовиќ – претседател на сојузната влада на СРЈ во време на, според него, НАТО агресијата во 1999 година.

Булатовиќ вели дека таа понуда дошла на крајот, а претходно тогашното раководство на СРЈ ги понудило рудниците на концесија, на што добиле одговор дека понудата е интересна, но дека нема да биде прифатена.

„Друга понуда беше база, им рековме: ви треба база, ќе ви дадеме ние база за симболичен надоместок, а добивме одговор: не, фала. Не им беше потребна согласност од една држава, бидејќи подоцна би морале да ги прашаат и Авганистан и Сирија и Либија и било кој“, раскажува Булатовиќ.

На крајот, вели, во краен очај, решиле дека е подобро СРЈ да биде членка на НАТО, за да се избегне бомбардирањето.

„Тие се насмеаја, рекоа дека тоа е интересно, но дека не може ни тоа“, вели Булатовиќ, според кого во тоа време НАТО сакало да господари со светот, а СРЈ им послужила како лабораториски примерок:

„Ние бевме одличен лабораториски примерок. Тие велеа дека ќе нè уништат за 72 часа, но видете, ние овде не сме ништо виновни, не бевме ни блесави, ни луди. Кој би бил луд да ја завојува својата земја и својот народ со толку голема сила? Но нив им требаше една мала, валкана војна, како што секогаш им треба низ историјата“, тврди Булатовиќ.

 

- Реклама -