Бугарското собрание со декларација за условите за почеток на преговорите со ЕУ

Бугарија дава целосна поддршка за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија, се вели во нацрт декларацијата на бугарското Народно собрание, посветена на европроширувањето и процесот на стабилизирање и асоцијација на РС Македонија и Албанија, пренесува бугарската агенција „БГНЕС“.

Во нацрт-документот Софија го повикува Скопје ефективно, без одолговлекување и со добра волја да го спроведува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017-та од страна на премиерите на Бугарија и Македонија – Бојко Борисов и Зоран Заев.

Во нацрт-декларацијата Бугарија инсистира и на прифаќање на „историската вистина за заедничката историја која ја споделуваат двата народа“:

„Да се спроведуваат целосно договорените точки постигнати во рамките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и истите да бидат одразени и во учебните програми и материјали во најбрз можен рок“, пишува во нацрт-документот. Во него се бара и да се прекине со „секаква форма на говор на омpaза кон Бугарија и граѓаните на РС Македонија со бугарска самосвест“, вклучително и во медиумите, написите на спомениците, спомен-плочите итн.

Во нацрт-декларацијата, во делот посветен на Албанија, Бугарија од нашиот западен сосед бара „до максимален степен“ да го гарантира правото на „бугарското малцинство“ да го изучува книжевниот бугарски јазик како мајчин јазик, во сите региони каде ова „бугарско малцинство“ живее, при што се набројани Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс (Кукуш). Бугарија бара и пребројување на населението според европските стандарди, со цел објективно да се одрази етничкиот состав на населението.

Прочитајте и:  ОЛАФ започна истрага: „Ребрендирана“ руска нафта од Турција и Бугарија се увезува во ЕУ заобиколувајќи ги санкциите

„Врз основа на ова и под овие услови, 44. Национално собрание на Република Бугарија го поддржува започнувањето на претпристапните преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија“, се вели во декларацијата.

Во текстот, бугарската „БГНЕС“ потсетува и дека Бугарија била првата што ја призна независноста на Македонија во јануари 1992 година, како и дека Софија играла спасоносна улога за време на грчкото ембарго, кое траеше од 1992 до 1995 година. Разидувањето се случило за време на авторитарното владеење на Никола Груевски, од 2006 до 2016 година, пишува агенцијата, додавајќи дека Бугарија била првата што се произнела за евроатлантската интеграција по враќањето на демократијата во земјава.

- Реклама -