Бугарски научници и интелектуалци во отворено писмо го критикуваат бугарскиот Меморандум и тврдењата за Македонија во него

„Неодамна, копретседавачот на Заедничката бугарско-македонска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања – Ангел Димитров, изјави дека Бугарскиот објаснувачки меморандум за односите на Бугарија со Република Северна Македонија, испратен до сите земји членки на ЕУ, ги рефлектира достигнувањата на ‘бугарската историска наука’. Повторно пред неколку дена, членот на споменатата комисија – Иван Илчев, се пожали во бугарските медиуми дека ‘Европа не нè разбира’.

Ние, меѓутоа, сме длабоко убедени дека Меморандумот не ги одразува достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении. Ниту пак гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не го говорат јазикот ниту на современата историографија, ниту на современите хуманистички и општествени науки“, пишуваат триесетина бугарски научници, професори и интелектуалци, меѓу кои најголемиот дел се историчари, во отворено писмо во кое се критикуваат „Објаснувачкиот меморандум“ испратен од Бугарија до членките на ЕУ, како и тврдењата во него.

Како што пишуваат во писмото, овие бугарски интелектуалци сметаат дека бугарскиот меморандум, истовремено со тоа што не ги одразува научните достигнувања, не ги рефлектира ниту „принципите и вредностите врз кои е изградена Европската унија“ (фраза што е наведена во меморандумот), а заради чија поддршка, како што се декларира во него, е објавен.

„Не сме согласни единствено Република Северна Македонија да се претставува како земја која не се ‘справува со сопственото минато’. Не сметаме дека единствениот историографски проблем е ‘идеолошкото наследство’ на ‘комунистичка Југославија’. Проблем е и доминацијата на застареното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија“, се вели во писмото.

„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите свои специфики, значително се разликува од начинот на кој се формирани и другите нации, ниту сметаме дека тој може да се сведе на формулацијата во Меморандумот за ‘Етнички и јазичен инженеринг’. Се спротивставуваме на упростеното претставување на македонската нација како плод на ‘југословенската пропаганда’ “, додаваат тие.

Наивно звучат и концептите како „објективните критериуми поврзани со идентитетот на личноста“, оценуваат триесетмината бугарски научници и интелектуалци. Идентитетот не е „природна“ карактеристика што се пренесува генетски, туку е социјално конструирана категорија, објаснуваат тие.

Според нив, и наводите во Меморандумот што се однесуваат на идентитетот на „огромното мнозинство од словенското население во Македонија“ – се историски наивни и не одговараат на достигнувањата на модерната историографија, општествените науки и хуманистичките науки. Тие се засновани на застареното сфаќање за „национална историја“ кое е неадекватно со основните на денешната критичка историска наука, оценуваат потписниците на писмото.

Како што објаснуваат, „јасно е и дека сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки, со оглед на тоа што книжевната норма секогаш интервенира во говорните наречја и одредува кои елементи од нив се ‘правилни’, а кои ‘неправилни’.

„За нас, тврдењата за датум на раѓање на една нација и јазик се научно непоткрепени и се во спротивност со постигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки како целина. 

Иако го прифаќаме концептот на ‘заедничка историја’, ние се спротивставуваме на неговите елементарни интерпретации, како и на неговата употреба со цел наметнување на еден единствен наратив – во овој случај официјалниот наратив на Бугарија за минатото.

Сметаме, исто така, дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Истовремено сметаме дека концепти како ‘споделена историја’ и ‘преплетена историја’ би можеле да ги дозбогатат нашите сфаќања за минатото.

Особено смешен е посочениот во Меморандумот број на жртви на југословенскиот комунистички режим во Македонија. Тој ги надминува сите разумни параметри и ги компромитира понекогаш основаните настојувања на бугарската страна за придржување во толкувањата до фактите и документите“, велат научниците и интелектуалците во писмото.

„Сметаме дека е неопходна принципиелна промена на парадигмата во историското мислење, за која е крајно време да бидат отворени и бугарските медиуми“, заклучуваат тие.

Целосната листа на потписници можете да ја видите на порталот „mediapool.bg“, кој го објави писмото во целост. Меѓу нив има професори на бугарски и на странски универзитети, но и научници и професори на повеќе институти при Бугарската академија на науките (БАН).

 

- Реклама -