Бугарски историчар: Ја избришаа „ъ“ од таканаречениот македонски јазик за да го оддалечат од бугарскиот

„Работата на бугарско-северномакедонската комисија за историски и образовни прашања потфрла затоа што комисиите од двете страни поаѓаат од две различни гледни точки“, вели бугарскиот историчар Доц. д-р Георги Н. Николов, кој воедно е и заменик декан на софискиот универзитет, во интервју за бугарскиот „24 часа“. Бугарската страна, според него, тргнува од историјата, а македонската – од идеолошки размислувања од современа гледна точка.

Според него, Гоце Делчев е камен на сопнување бидејќи „Македонците размислуваат од аспект на како денес се сфаќа Гоце Делчев во Македонија.

„Но тоа ‘како денес се сфаќа’ е резултат на речиси едновековно перење на мозоците“, вели Николов. „Затоа нека бидат така добри македонските историчари и нека се вратат кон изворите на историјата – тие се нејзината основа. На нив се повикуваат нашите (бугарските) научници, и така треба да биде“.

Што се однесува до предложениот датум од македонската страна за заедничко чествување на Гоце Делчев со Бугарија – 7 октомври, Николов е дециден дека треба да се чествува 4 мај. Дури ни во Народна република Македонија во рамки на Југославија, истакнува тој, не се празнувал 7 октомври – денот кога Софија му ги предаде моштите на Гоце на Скопје.

„А впрочем, не е лошо да се раскаже кој ги спасил тие кocки и ги донел во Бугарија, пред комунистите со лесна рака да им ги подарат на Македонците“, додава.

Николов смета дека работата на комисијата ќе продолжи „доста тешко“.

„Ако не се прават компромиси од македонска страна, работата воопшто нема да тргне. Самите македонски историчари, се чини, се поставени меѓу чеканот и наковалната, зашто србоманската традиција на македонизмот уште е жива и се спроведува во големите градови. Додека бугарската традиција е признаена во помалите населени места“.

Понатаму во интервјуто Николов зборува за македонскиот јазик. Поконкретно, за некакво официјално барање од Скопје до Европската комисија да ја употребува формулацијата „македонски јазик“ во некаков си договор за бегалците (можеби мислат на извештајот на ЕК за напредокот на земјава). Во секој случај, Николов има проблем со таквата формулација. На прашање која било целта на таквото барање, тој одговара:

„Целта е таа формулација да присуствува во европските институции. Тоа е еден вид компензација за името Северна Македонија, кое не е прифатено од сите македонски граѓани, а многумина се категорично против. Идејата е, ако има признаен македонски јазик, да се компензира тој негативен однос… Брисел истакна дека проблемот со јазикот е решен со Преспанскиот договор, во кој јазикот на кој се говори во Северна Македонија е определен како ‘славјански јазик, различен од грчкиот’. А грчкото лоби е многу посилно од нашето (бугарското), зашто тие од подамна се во ЕУ. Грците, на пример, не го употребуваат терминот ‘бугарски јазик’ зашто во таков случај би требало да признаат дека таму има бугарско малцинство. Во реалноста, во селата во Северна Грција уште има луѓе кои тајно по дома или во крчмите си зборуваат на бугарски. Но штом се појави непознат, моментално преминуваат на грчки… Но Грција измисли итар термин за означување на оние кои зборуваат словенски јазици – славофони. Така ги нарекуваат и остатоците од бугарското население главно во Беломорска Македонија“, вели бугарскиот историчар.

Прашан како Брисел ќе излезе од ситуацијата со јазикот, тој оценува дека ситуацијата е деликатна.

„…Зашто нема друг сличен таков случај – некој да сака да биде одредено официјално и документирано на каков јазик ќе зборува. Таму вообичаено се подразбира дека ќе се зборува на официјалните француски, германски, англиски и руски јазик, или јазикот на кој се говори во соодветната земја. Затоа барањето на Скопје е преседан. И мислам дека нашите новоизбрани европратеници треба категорично да се спротивстават на таквите експерименти, независно од која партија се“.

Понатаму, Николов ги објаснува „етапите во спорот на таканаречениот македонски јазик“:

„Клучниот момент е во 1998 година, кога се постигнува договор за јазиците. Во него се велеше дека секој зборува на јазикот на својата држава, без да се каже официјално каков е тој јазик. Од тој момент натаму, во Македонија се вели: ‘Ние зборуваме македонски’. А во Бугарија не од вчера, не од денес, туку од векови наназад сметаме дека таканаречениот македонски е всушност западнобугарски дијалект. Воведен е како книжевна норма (се мисли на македонскиот јазик во Македонија) во 1945 година и тоа е процес валиден и до денес. За негова основа е земен најзападниот дијалект од македонските земји, кои е најоддалечен од бугарскиот. Од 1945 година, конкретно, тој јазик постојано се србизира и делумно латинизира, при што во него се внесуваат нови зборови, пред сè србизми, останати од периодот 1919 до 1945 година, кога Србија доминираше во Македонија, тогаш нарекувана Јужна Србија… По Втората светска војна србизацијата продолжи, особено во спортската терминологија, а навлегуваат и многу латинизми. Од нашиот амбасадор во Македонија – д-р Александар Јорданов, дознав дека во периодот од 1998 до 2002 година, кога на власт беше владата на Љупчо Георгиевски, на државната телевизија имало едукативна емисија ‘Зборувате ли македонски?’. Во истата правеле анализа на одреден збор, го разложувале од крај до крај, ги отстраниле српските и латинските наставки и на крајот ‘исчистениот’ на тој начин збор се покажал бугарски. По доаѓањето на власт на Бранко Црвенковски, таа емисија е укината и политиката станува 100% антибугарска“, тврди Николов…

Николов се согласува со новинарот дека буквата „ъ“ била намерно извадена од „македонската азбука“ и дека бугарски зборови биле заменувани со српски. Целта, според него, била огромната желба на Македонците да го одалечат својот јазик од бугарскиот и да го доближат максимално до српскиот.

„Во поранешна Југославија Србија доминираше. А околните републики беа снабдувачи на Белград. Македонија даваше плодови и зеленчук, Словенија – бела техника, Хрватска и Црна Гора – туризам. Србите долго време го искористуваа тоа. Но трошките кои им ги даваа на Македонците ги натераа (Македонците) да дејстуваат во тој правец. Затоа тие отстрануваа сè што моеже да ги идентификува и да ги зближи со Бугарите. Буквите ‘ъ’ и ‘ж’ ги нервираа, затоа ги отстранија… Зборував и во друго интервју; Секој што ќе се обидел да се нарече Бугарин во периодот по 1945 година не го чекало ништо добро. Мaчeњa, тopтypи, затвopи, останувате без работа, вашите деца – без перспектива, итн. Целата таа палета од фактори имаше влијание на србизацијата на Македонија. И кога тие се одделија во самостојна држава, за спомен Србите од касарните во Македонија не само што си го земаа целото оpyжје, туку ги извлекоа и електричните кабли“, ја раскажува својата верзија на историјата Николов.

„Бевме ли доволно критични кон тие промени во таканаречениот македонски јазик, наметнати низ годините? Какви беа реакциите од бугарска страна?“, прашува новинарот.

„Во некои случаи не бевме доволно критични. Некои наши институции потпишуваа договори со соодветни македонски институции без да обрнат внимание на таа мала замка, сметајќи дека не е толку важна. Во Бугарија се појавија книги на бугарски јазик, пишувани од македонски автори – романи, поезија, научни истражувања. Правилно ќе беше во белешката под насловот да пишува ‘Адаптација на литературен бугарски јазик’, а не ‘превод’“, оценува Николов.

„Со Договорот со Бугарија се признаваат два народа, две држави и два јазика, изјави уште во 2017-та премиерот на нашата западна сосетка – Зоран Заев. Тој рече: ‘Мое право е да бидам Македонец и да зборувам македонски јазик’. Каква е тежината на тој аргумент, изречен од премиерот?“, прашува новинарот.

„Се разбира, тоа е негово право. Тој може да каже дека зборува и на патагонски јазик, но тоа нема никакво значење“, одговара Николов. „Македонците ги сметаат сите наши херои за свои херои – Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев… Но ако ги зачитате сите нивни писма и документи зачувани и до ден денес, сите се напишани на литературен бугарски јазик. А западните ни соседи ја имаат преведено дури и пpeтcмpтните стихови на Вапцаров на таканаречен македонски јазик – тоа е словохулие! Ако Димитар Талев или Никола Вапцаров беа Македонци, ќе пишуваа на македонски. Само што и двајцата пишуваат на бугарски јазик“, „образложува“ бугарскиот историчар.

„Пред 2 години на брифинг во Струмица премиерот Борисов одговори на новинар кој го праша дали македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот со зборовите: Ме разбравте ли што ви зборувам, нели никој тука не користи слушалки?“, потсетува новинарот, по што следува прашање: Дали блискоста на двата јазика е доволен аргумент да се сметаат за еден јазик – бугарски?

„Да се зборува за блискост меѓу бугарскиот јазик и таканаречениот македонски јазик е смешно. Тоа е исто како еден шоп и еден тракиец да не можат да се разберат. Тоа се дијалектни форми. И не се разбираат единствено новововедените зборови. Бев многу изненаден да чујам како е ‘ревнив’ на македонски – ‘љубоморен’. Но се покажа дека тоа е српски збор…

Очигледно Македонија има желба македонскиот јазик да биде објавен како официјална литературна норма. Ние не можеме да го прифатиме тоа. Не настојуваме Македонците да велат дека тоа е бугарски јазик. Но и не прифаќаме дека тоа е македонски јазик. Според мене, тој спор е многу позаплетен и посериозен и од историскиот“, вели Николов.

На прашањето како може да се реши тој проблем, историчарот одговара:

„Ако нашата земја, која е во погодна позиција, покаже поцврст став. И ако биде заштитена со учество на нашите научни кругови. На пример, од институтот по бугарски јазик на Бугарската академија на науката, каде има капацитети од европска и светска класа. Аргументите им се одамна искажани, но треба да стигнат до ушите и очите и на нашите дипломати и носители на власта. И на крајот, не ли треба, со оглед на современото гледиште, нашата западна сосетка Северна Македонија да настојува јазикот да ѝ се нарекува северномакедонски?“, констатира Николов.

 

 

- Реклама -