Бугарија прави политика од инженерски проблем – Мицкоски за реакциите за Коридорот 8

Сакаме да го направиме Коридорот 8, прв сум за тоа, но да биде како што треба. Неодговорно е да влеземе во авантура во која не се знае дали ќе има крај и кога ќе биде крајот, вели премиерот Христијан Мицкоски откако бугарската влада изрази загриженост по најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10

Христијан Мицкоски – претседател на Влада на РС Македонија / фото: ФБ-профил на Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека проектот за изградба на пругата од Коридорот 8 во Бугарија се користи за внатрешно-политички цели велејќи дека „ова е инженерски проблем и нема врска со политика“.

Тој денеска изјави дека би било лудо Владата да се сложи со проект кој завршува на пола тунел во слепа улица, додавајќи дека не станува збор за промена на интерес, туку како треба работите да бидат поставени на правилна патека.

Рече оти од бугарска страна нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи.

„Вака како што се поставени би било лудо да се сложиме како Влада на проект кој завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милјарда евра народни пари, затоа што вредноста на проект е 560 милиони евра. Од тие, 360 се кредит, а 200 милиони се грант. Станува збор во прва фаза – 360 милиони се пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони на европските даночни обврзници. Во тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик, а тоа значи дека сумата, буџетот кој е определен е буџет за реализација на овој проект и дека не се предвидуваат дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така бидејќи двете страни потоа, во тендерската документацијата стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е практично црвен фидик, па многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра. Ова го кажувам како инженер, не како премиер. Тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари од буџетот, од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за 24 километри, 22 тунели кои што ќе завршат на пола тунел во слепа улица, без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи“,

вели Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека актуелната власт сака проектот да биде реализиран како што треба велејќи дека треба да се превенира, а не да се лечи.

„Среќа што се случи промената па можеме сѐ уште да превенираме, па велиме – дајте да го видиме проектот од бугарска страна. Нема таков. Дајте тој да го направиме, зошто на пола тунел да завршуваме, дајте да завршиме да биде навистина континуитет до Црното Море, како што предвидува стратешкиот коридор, стратешки и за НАТО Алијансата, од Црното Море преку Бугарија, од кај нас, Албанија до Италија. Ајде да биде како што треба и мислам дека ќе наидеме на разбирање. Јас не правам политика од ова како што тоа го прават кај нашиот источен сосед. Жалам што повторно за нивни внатрешно – политички потреби тие прават политика од сето ова. Ова е инженерски проблем, нема врска со политика. Сакаме да го направиме Коридорот 8, прв сум за тоа, но да биде како што треба. Неодговорно е да влеземе во авантура во која што не се знае дали ќе има крај и кога ќе биде крајот. Не сакаме да ни случи новиот автопат Охрид – Кичево, само сега во овие 24 километри“,

порача Мицкоски.

Официјална Софија изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.

Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута вдолж јужното крило на НАТО со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и затоа неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, а затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.

Оттаму велат и дека од бугарска страна модернизацијата и завршувањето на железничката компонента се дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021-2027 година“.

„Коридорот 8 е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година. Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година, декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.“,

велат од бугарската влада.

Пред два дена специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратегиско значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување.

Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.

„Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратегиско значење“,

рече Сарацин.

Ставот на бугарската влада и на Сарацин дојдоа по изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски кој ја обвини Бугарија дека нема проект за Коридорот 8.

Како што рече тој деновиве, постои долгогодишна желба да се изгради пруга меѓу Скопје и Софија, но прашањето е како, кога Бугарија не е сериозна за проектот. Поради тоа, тој побара парите да бидат пренаменети за Коридорот 10.

„Бараме и од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка, со кои потпишале договор претходната влада на СДСМ и ДУИ, тие средства да се пренаменат за изградба на брза пруга по Коридорот 10 и рехабилитација на постојниот Коридор 10 – од Табановце до Гевгелија, значи од границата со Србија до границата со Грција, за да можат возовите да одат со 100 до 120 километри на час, рехабилитација на постојната пруга, проект што ќе чини 250 милиони евра“,

рече Николоски.

Инаку, Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море.

- Реклама -