Бруталната егзекуција на Биг Мери – циркуската слоница што уби човек

Ја викале Биг Мери.

Нејзината приказна почнува во доцниот 19-ти век, со човек по име Чарли Спаркс. Циркуски изведувач уште на возраст од 8 години, Спаркс подоцна ќе го создаде Sparks World Famous Shows – познат патувачки циркус со кловнови, акробати, лавови и други егзотични животни, меѓу кои и слонови, а меѓу кои и Мери. Таткото на Спаркс ја купил Мери кога имала 4 години, а заедно со својата сопруга, ќе ја гледаат и чуваат како да е нивно дете, кое никогаш го немале (не родено).

Прекарот Биг Мери („Големата Мери“) слоницата го добила сосема заслужено. Претставувана како „Најголемото живо копнено животно на Земјата“, 5-тонската слоница била повисока и од прочуениот Џамбо, наводно за 7.6 сантиметри (3 инчи).

man-waving-elephant-jumbo[1]
Човек му мафта на Џамбо.

Мери свирела музички инструменти, стоела на глава, па дури фаќала и бејзбол топки – со еден збор, ги воодушевувала толпите насекаде низ Америка и била главната ѕвезда на циркусот, со години.

* * *

Сепак, сé тоа се сменило кога циркусот стигнал во Вирџинија во 1916-та година. Оттука приказната на Мери продолжува тажно и бизарно.

Имено, по пристигнувањето на Sparks, циркусот вработил локален хотелски работник по име Волтер „Ред“ Елдриџ да се грижи за слоновите (да биде таканаречен „хендлер“), и покрај неговото неискуство. Работата му била едноставна, да ги храни и да ги бања слоновите, но со нежност и грижа, на која Спаркс инсистирал меѓу сите негови хендлери. Да се придржувал Елдриџ до тоа правило, денес немаше да пишуваме за еден од најсуровите и најварварски случаи на животинска тортура регистриран во историјата.

justice15n-3-web[1]

Најпопуларната верзија пропушта пар детали, но главните актери се Елдриџ, таканаречениот bullhook (она стапчето со кука за дресирање на слонови) и лубеница. Имено, Елдриџ ги водел слоновите кон блискиот бунар за да ги напои, непосредно пред шоуто во Кингспорт, Тенеси. Елдриџ седнал на Мери, потбуцнувајќи ја со стапчето. Кога слоницата забележала една скината лубеница покрај патот и тргнала да ја изеде, Елдриџ – спротивно од наредбите, почнал да ја удира силно со стапот, заривајќи ѝ ја куката длабоко во месото. Мери побеснела.

Има 3 верзии за тоа што се случило следно. Според едната, Мери посегнала со сурлата, го грабнала Елдриџ и го подигнала во воздухот, а потоа го треснала на земјата и му ја смачкала главата со огромното стапало, убивајќи го истата секунда. Другата е дека го грабнала и го распарала со своите заби. Третата е дека првичниот удар со сурлата по главата бил доволен да го усмрти.

Иако приказните се различни, едно е сигурно: Веста за убиството се проширила многу брзо, а луѓето од Тенеси барале „правда“ за смртта на Елдриџ.

Спаркс го чекала тешка одлука. Иако тој бил длабоко емотивно поврзан со животното во текот на сите тие години, се одлучил на решение што барем ќе му го спаси бизнисот – да организира јавна егзекуција пред толпа. Од друга страна, морал да го избере и најдобриот начин на егзекуција на 4 и пол тона тешкото животно.

Бесните локалци предлагале сурова казна – да ја смачкаат Мери поставувајќи ја меѓу два воза што ќе се судрат. Други имале поинаква сличен предлог – да ѝ ги врзат предните и задните нозе за два воза кои ќе се оддалечуваат еден од друг, раскинувајќи ја на половина додека е уште жива. Спаркс инсистирал на нешто похумано, но бидејќи рурален Тенеси немал доволно електрична моќ за да ја убие слоницата со струја, Спаркс на крајот одбрал бесење – чин со што би се задоволила жедта за крв на лутата толпа.

Следниот ден, циркусот Sparks World Famous Shows влегол во градот Ервин. За разлика од останатите слонови и други животни, „Убиствената Мери“ („Murderous Mary“) – како што ја нарекле, опкружена од вработените од циркусот и со окови околу вратот, била одведена директно кон бесилката – синџир закачен за кран кој би требало да ја подигне во воздухот. Насобраните луѓе биле страшно лути, гласно извикувајќи „Убијте го слонот!“.

Првиот ланец, по малку и очекувано, се скинал. Подигнувајќи ја на речиси 2 метра, таа треснала на земјата, притоа повредувајќи го колкот. Додела лежела во болка, ѝ врзале втор ланец и повторно ја кренале во воздухот. Овој пат ланецот издржал, и тоа цели 30 минути додека Мери претала и се борела за здив, пред на крајот да висне неподвижна од кранот. Откако и ветеринарот потврдил дека е мртва, конечно ја спуштиле на земјата.

Murderous-Mary-the-elephant2[1]

* * *

Приказната на Големата Мери не е приказна за изолиран настан. Години порано, во 1903 година, слонот Topsy бил брутално убиен со струја во Њујорк, откако прегазил тројца хендлери во три години.

Релативно свеж пример имаме и во 1994 година, кога слон по име Tyke беше застрелан 87 пати од полицијата на Хонолулу откако избега од циркус среде шоу, прегазувајќи го неговиот дресер додека бегаше кон слобода.

Овие примери, заедно со тортурата на која ѝ се подложени дресираните животни, натера безброј здруженија за заштита на животните да настојуваат на промени во тоа како ги третираме животните што ги дресираме за забава и настап пред публика.

Да бевме крајни оптимисти и да ја гледавме чашата полу-полна, ќе речевме дека смртта на Биг Мери не била за џабе. Реалноста е дека во голема мера била, но сепак, во мај 2016-та, еден познат циркус – Ringling Brothers’ Circus најави дека ќе пензионира неколку циркуски слонови, но и дека планира да престане воопшто да ги употребува во нивните шоуа најдоцна до 2018-та.

circus-elephants-standing-line[1]

Еден век по нејзината смрт, „Мери останува да биде пример зошто никогаш и воопшто не треба да ги ставаме овие животни во така неприродни за нив ситуации“, вели претседателот на Performing Animals Welfare Society – Ед Стјуарт за New York Daily News. „Слонот едноставно се однесувал како слон. Тие се несомнено навистина опасни, и не ја обвинувам Мери за тоа што се случило. Ги обвинувам тие што ја ставиле во циркусот. Тоа е нивна вина“.

- Реклама -