Бројот на загинати во Нови Сад се искачи на 11, во Србија утре е прогласен Ден на жалост

Директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов во изјава за медиумите вели дека три од повредените лица се во тешка состојба во Ургентниот центар

ФОТО: Принтскрин од видео објавено на Инстаграм

Бројот на жртвите од уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад се искачи на 11, соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, пренесуваат српските медиуми.

„Со оглед на тежината на конструкцијата, уште од самиот почеток се сомневаше дека бројот на загинатите најверојатно ќе биде поголем од бројот на повредените, што за жал се покажа дека е точно. Значи, засега се извлечени 11 тела, така што 11 лица се мртви“,

изјави тој за ТВ Пинк.

Тој додаде дека три лица се спасени и се во болница.

„Спасени се две жени кои беа под урнатините со кои имавме контакт. Со едно лице имавме само гласовен контакт, но акцијата за спасување траеше неколку часа и тие две лица сега се во Ургентниот центар. Секако, можеби дошло до недоразбирање, бидејќи било објавено дека се работи за девојче. Таа има повеќе од 20 години, веројатно погрешно ме разбрале, но на крајот тоа е ирелевантно“,

вели тој.

Тој рече дека, за жал, веројатно има уште тела под урнатините.

„За жал, веројатно има уште неколку луѓе. Јас лично можев да видам едно тело кое сè уште е под овие урнатини, до кое сега е практично невозможно да се дојде, а телото не дава знаци на живот, сигурно има повеќе, оваа бројка не е конечна. 11 лица се мртви, тројца се спасени и сега се во болница. Се бараат останатите“,

рече Дачиќ, додавајќи дека се трага по исчезнатите.

Директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов во изјава за медиумите вели дека три од повредените лица се во тешка состојба во Ургентниот центар.

Таа потврдува дека во последниот час во Ургентниот центар се донесени две лица.

„Во операционата сала има две лица, а на еден пациент му е констатирана дијагноза. Повредени се две жени и еден маж, а нивниот идентитет не е познат“,

вели таа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Утре во Србија ќе биде Ден на жалост поради смртта на граѓаните кои настрадаа по уривањето на конструкција од Железничката станица во Нови Сад.

Од кабинетот на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ има информација дека на територијата на градот е прогласена тридневна жалост, почнувајќи од утре.

„Длабоко ме потресе трагичната несреќа на железничката станица во Нови Сад. Испраќам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Човечките животи се незаменливи, но градот Нови Сад ќе ја даде сета потребна поддршка и помош во овој тежок момент“,

вели градоначалникот.

Претходно Дачиќ рече дека во спасувањето учествуваат околу 80 спасувачи од повеќе градови и оти тие биле на местото на несреќата неколку минути по повикот.

Четири багери и осум шлепери го расчистуваат теренот, а полицијата ги има блокирано сите приоди кон станицата.

- Реклама -