Британските пратеници случајно отварале порно страни… илјадници пати

Од минатите избори наваму, во британскиот парламент се регистрирани повеќе од 24.000 обиди за посетување на страници со порнографски содржини.

Со други зборови, имало по околу 160 такви обиди дневно, а во предвид се земени сите службени уреди кои ги користат пратениците и вработените во парламентот – од компјутерите, па до телефоните.

Податоциве стигнуваат среде скандалот во Вестминстер, поради кој Тереза Меј го отпушти министерот Дамиен Грин, откако се откри дека се обидувал да ја наведе полицијата на погрешен траг кога на компјутерот од неговиот кабинет е откриена голема количина на порнографски материјал. Грин, од своја страна, дури и по својата оставка продолжува да негира дека симнувал или гледал спорна содржина, нарекувајќи ги наодите „невтемелени и болни“.

Правете со следнава информација што сакате, но според податоците, најголем број обиди за отварање на порнографски страници имало лани во септември – дури 9.467.

Сепак, официјалниот став на парламентот е дека најголемиот дел од тие обиди биле случајни. Портпаролот на парламентот објасни дека системот автоматски ги блокира страниците со порнографија, и дека ги препознава сите уреди во зградата на парламентот, дури и приватните.

- Реклама -