На 25.12.2023 со почеток од 20:00 часот во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концерт на Скопскиот Брас Квинтет насловен “Брас Фантазија за Тоше”. На програмата ќе бидат најпознатите песни од дискографијата на Тоше Проески, преработени за лимени дувачки инструменти.
Идејата за овој концерт потекнува од минатите концерти на квинтетот со програма од различни популарни композиции од групи како Битлси, Квин, Мајкл Џексон, Биџис и сл. Истите овие композиции се појавувале и низ образовниот процес на секој од членовите на квинтетот по предметот камерна музика. Од тука идејата за изработка на квалитетни аранжмани кои во себе ќе ја содржат музиката од познатите хитови кои Тоше ги пееше, изведени преку автентичниот звук на лимените дувачки инструменти преку креативното перо на Трајко Велков и Зоран Костадиновски. Предизвикот да се сработат партитурите и индивидуалните штимови е огромен, имајќи ја во предвид нивната комплексност и виртузност, преку кои аранжерите го покажуваат своето широко познавање за оваков тип на ансамбл како и лимените дувачки инструменти (впрочем самиот Трајко Велков ѝ е познат на јавноста како џез трубач, присутен на речиси сите настани поврзани со џез музиката).
После неколкуте изведби предвидени во 2024 година, овие аранжмани ќе бидат подарени на музичките образовни институции со цел истите да влезат во редовната програма која идните студенти инструменталисти ќе ја изведуваат во текот на своето школување.
Од здружението велат дека со нетрпение ја очекуваат публиката да ужива на нивниот концерт и се надеваат на уште едно убаво музичко дружење со Скопскиот Брас Квинтет.