Масивната и контроверзна брана „The Three Gorges Dam“ („Три клисури“) на реката Јангце во Кина е најголемата хидроелектрична централа на планетата. За нејзина изградба беа потребни 40.000 работници и 12 години, со трошоци проценети на од 28 до 88 милијарди долари. Вистинскиот износ е непознат. The Three Gorges Dam е и најголема бетонска структура на Земјата. Идејата за ваква џиновска брана потекнува уште од Сун Јат-Сен, од 1919 година. Сепак, самата изградба почна дури во 1994, кога ја одобри кинескиот Народен конгрес.
Кинезите и владата се неизмерно горди на досегашниот успех на браната и сметаат дека е ремек-дело на кинеското инженерство. Таа е „златна кокошка“ за обновлива енергија и ја поштедува земјата од горење на 30 милиони тони јаглен годишно. Направена е од огромна количина бетон и челик – 16 милиони метри кубни бетон и доволно челик за изградба на 63 Ајфелови кули. Долга е 2.25 километри, а највисоката точка се наоѓа на 185 метри над нивото на морето. Има 34 генератори, од кои секој тежи по 6.000 тони, кои вкупно произведуваат енергетски капацитет од 22.500 мегавати, што е доволно електрична енергија за 60 милиони Кинези.
Браната има и лифтови и „порти“ за бродови, со цел да овозможи сообраќај за големиот број на товарни бродови што пловат по Јангце. Поминувањето трае само 36 минути, а еве како изгледа:
Ама браната си има и свои верни критичари. Прво и основно, при изградбата загинаа 100тина работници. Конструкцијата на браната исели 1.3 милиони луѓе, а уништи и многу археолошки области. Сепак, најдебелиот крај по сé изгледа ќе го извлече природата, која веќе покажува знаци на попуштање. Вистината е дека никој не знае какви долгорочни последици таква гигантска брана ќе има врз животната околина. Забележано е дека популацијата на риби се намалува, а загадувањето сé повеќе се наталожува, пред сé затоа што браната ја задушува само-чистечката природа на реката.
Паралелно, наталожувањето на притисок на бреговите на реката, особено каде што лежи резервоарот на браната, причинува многу лизгања на земјиштето, а при едно од нив се сруши една друга хидроелектрична брана во областа. Исто така, резервоарот лежи на две различни пукнатини во кората на земјата, и се смета дека е причинител на зголемената сеизмичка активност. Менувањето на нивото на водата дополнително ги оптоварува овие пукнатини.
Постои проблем и со седиментот во реката, кој се таложи зад браната и не продолжува надолу по текот на реката. Овој седимент е витален за живиот свет и им е потребен на жетвите и дивиот свет по текот на реката. Инженерите на браната смислија план за пропуштање на дел од седиментот низ браната, но се проценува дека 30-60% сé уште остануваат заробени зад браната. Ова предизвикува секакви видови на проблеми во екосистемот.
Официјалните извештаи за опасностите од браната сугерираат дека импактот по животната околина и јавното здравје почнуваат јасно да се покажуваат. Од друга страна, пак, претседатело Ху Џинтао и премиерот Вен Џијабао радо се дистанцираат од проектот кој тие всушност го наследија, бидејќи било каков застој на плановите за браната би бил всушност признавање на владина грешка.
Сепак, најголемиот ризик лежи во можноста браната порано или подоцна да попушти при некоја сеизмичка активност или некаква друга слабост на самата брана. Евентуалната поплава што ќе резултира од такво нешто би била од размер што досега се нема случено. Што ќе се случи, знае само времето.